| четврток, 6 декември 2018 |

Гимназиите и медицината најинтересни за скопските полуматуранти

Првиот уписен рок за основците во сите средни училишта во Македонија ќе се одржи на 18 и 19 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 20 јуни, додека пак квалифицираното тестирање за одредени струки ќе биде спроведено на 22 јуни, и на крајот ранг листата ќе се објави на 25 јуни.

И оваа година, слично како и минатата, нeкои ученици веќе решија каде ќе го продолжат образованието, а некои се’ уште размислуваат. Јазиците, медицината, математиката или економијата се популарни, но најатрактивни остануваат гимназиите.

Заедно со ќерка ми одлучивме таа да конкурира во „Георги Димитров“, гимназиска струка, бидејќи во изминатите години ова училиште според искуствата на други ученици покажа високи резултати, а и квалитетен наставен кадар, вели мајката на една деветтодделенка, првенец на генерацијата во нејзиното училиште.

Како што велат голем број родители, заедно со оваа гимназија, популарни се и „Раде Јовчевски – Корчагин“, но и „Орце Николов“, а интерес има и за медицинските струки. Од друга страна, занаетчиските училишта и оваа година не се многу популарни, но сепак како и минатата година очекуваат да ги исполнат капацитетите во трите усписни рокови.

Да ви кажам право за секаде требаат врски и уште не сме одлучиле каде ќе го запишеме синот. Тој сака да конкурира во појаките училишта бидејќи е одличен ученик, ама нема дипломи од натпревари и не сакам моето дете да се разочара ако биде одбиено во првиот уписен рок, па да чекаме втор. Навистина е стресен овој период и за нас родителите и за децата, вели родител во изјава за НетПрес, видно револтиран од образовниот систем.

Директорите на некои од средните училишта се веќе подготвени за уписот на основците, очекувањата и интересот се слични како и лани.

Нашето училиште запишува ученици за гимназиско образование и стручно образование и очекуваме пополнување на бројката за упис на полуматуранти уште првиот ден. Важиме за училиште кое во изминатите години постигнува големи успеси, имаме наставници кои се амбициозни и мотивирани да ги поддржуваат учениците да учествуваат на бројни натпревари и да постигнуваат навистина добри резултати. Средниот просек во гимназиското образование во нашето училиште е 4.50, а тоа е најдобар просек во земјата. Отворени сме за учениците при нивниот избор на одредени предмети, но и за родителите со кои имаме одлична соработка – вели директорот на средно училиште на Град Скопје „Георги Димитров”, Саша Стоименов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top