| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Доста е на сите погубни политики, Македонија има сила и ќе победи

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ попладнево оствари средба со граѓани и имаше состанок во Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

Огромен број на граѓани дојдоа и со загрижен израз на лицето ја споделуваат загрижеността за сегашноста и за тоа каде се движи Македонија во иднината. Самите велат дека сакаат од власта да ги обесхрабрат, да ги направат индиферентни на се она што се случува, но во истиот момент додаваат не ни е сеедно бидејќи Македонија е се што имаме. И така е, поминува една година како СДСМ е на власт, пред изборите ветуваа многу, но еве сега можеме да ги видиме и оценуваме една година потоа, пишува Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук.

Мицкоски вели дека тие ништо не исполниле, не затоа што не се може подобро, туку затоа што не работат.

-Погледнете што се случува во економијата, долгот се зголемува, постојано се зајмуваат, но главното прашање е каде се парите. Нема проекти, нема ништо со што можете да кажете подобро се живее. Парите народот не ги гледа. А знаете зошто не ги гледа? Затоа што водат клептоманска политика, затоа што камионите од картелот треба да вртат, луѓето блиски до власта ги добиваат сите тендери, и затоа го укинаа советот за јавни набавки за да може во 4 очи да склучуваат договори. Кога ќе ви кажат дека живот ќе носеле, знајте дека од тоа ништо нема, ќе донесат само бизниси и црни пари за картелот на власт. Народот го делат, поделуваат, подигаат ѕидови, прават бариери, измислија закон за двојазичност и го подметнаа во Собранието да се дели јавноста и народот, измислија советничко место за Хоџа, ги ослободија оние од Смилковско Езеро и око не им трепнува. Тоа е така затоа што смислуваат приказни за да ја затскријат болната реалност, а реалноста е дека народот гладува.

Македонија се повеќе се намалува, се повеќе ја нема. Како е тоа можно? Можно е затоа што младите си заминуваат, младите ги полнат авионите, а се празнат градовите. Нема семејство од кое некој близок не си заминал. За жал заминуваат затоа што овде негледаат иднина. Си заминува иднината на Македонија и се распрскува низ белиот свет. Си одат затоа што на младиот човек му е преку глава да биде уценуван за да се вработи, му е преку глава некој да си игра со неговото достоинство, му е преку глава да биде ограничуван, да му се загрози слободата, да му се редат окови, преку глава му е да му се вели дека треба да чека, и дека ќе дошло неговото време, преку глава му е да биде лажен и манипулиран. Потребни се резултати веднаш.
И тие резултати ќе дојдат, затоа што нашиот завет ќе биде нашата програма. Спремаме програма која ќе понуди решенија и за младите, и за невработените, и за компаниите, и за земјоделците, и за развој на туризмот, подобро здравство.

Почетокот на крајот брзо ќе започне. Затоа сите обесправени, жедни за правдини,револтирани, репресирани, дојдете излезете за големиот протест пред владата на 2 јуни заеднички да испратиме порака до владата дека е доста, доста е на сите погубни политики. Македонија има сила и Македонија ќе победи! Го имате мојот збор, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top