| четврток, 6 декември 2018 |

Апсења во клубот на Стефан Ристовски, се местеле фудбалски и ракометни натпревари

Сезоната која што сосема солидна започна за португалскиот гигант, Спортинг Лисабон, по се изгледа ќе заврши катастрофално. Откако синоќа се случи упад на хулигани кои со „бакљи“, шипки и ножеви ги нападнаа играчите и претепаа неколку од нив поради загубеното место во Лигата на шампионите, утринава во клубот имало полициска акција поради местење натпревари.

Според извештаите од Португалија, уапсени се четири лица, меѓу нив и спортскиот директор на Спортинг, Андре Жералдес.

Истрагата е покрената поради сомнителни работи во ракометот, бидејќи Спортинг во тој спорт е двократен последователен шампион на Португалија. Но, тогаш аферата се проширила. Полицијата пресретнала гласовни пораки на извесен Пауло Силва преку апликацијата „WhatsApp“. Тој е инаку посредник кој во име на лисабонските „лавови“ ги договарал резултатите. Силва наводно на судиите им дал 2.000 евра со цел да го намести мечот помеѓу Бенфика и Порто со цел ракометарите на Спортинг да останат на чело на табелата.

Меѓутоа, истрагата по ова е проширена и на фудбалската екипа. Конкретно, на августовскиот дуел со Гимараеш од оваа сезона кој Спортинг го доби со 5-0. Меѓу останатото и затоа што споменатиот Силва наводно го потплатил стоперот на противничката екипа Жоао Аурелио. Силва го исплатил Аурелио ден по натпреварот во околината на стадионот „Афонсо Енрике“.

Под лупа се и мечевите на Спортинг со Феиренсе, Чавес, Тондела, Авес и Есторил. Секој пат Пауло Силва бил посредник.

По синоќешните напади, фудбалерите почнале да си заминуваат од клубот, а медиумите пренесуваат дека капитенот и еден од најдобрите играчи Бруно Фернандеш му соопштил на своето семејство да ги пакува куферите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top