| четврток, 6 декември 2018 |

Миноски: Без Гувернер во прашање ќе се доведе ликвидноста на банкарскиот сектор!

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во интервју за „Република“ зборува за последиците од ненавремен избор на Гувернер на НБРМ.

Која процедура треба да се почитува при избор на прв човек на НБРМ?

Миноски: Во Законот за Народна банка на РМ, Член 49, став (2) јасно е определено дека Гувернерот го именува Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Република Македонија. Оваа законска одредба има за цел да се обезбеди независност во водењето на монетарната политика во однос на извршната власт, која што е надлежна за водење на фискалната политика. Ваквата поделба на надлежности има за цел да обезбеди поголема независност во работењето на НВРМ и да даде гаранција во обезбедувањето на макроекономската стабилност. Неизборот на Гувернер од страна на парламентарното мнозинство ќе претставува преседан во македонската политика, од проста причина што не се доведува во прашање компетентноста на предложениот кандидат туку изборот е оспорен поради други мотиви на парламентарното мнозинство кои што како лајтмотив ја имаат потреба за поставување на кандидат кој би бил близок до владеачкото мнозинство. Не сум сигурен дека и во меѓународни рамки пред се тука мислам на земјите членки на ЕУ, постои или постоела слична ситуација заради политички комбинаторики да се задира во независноста на монетарните власти.

Решенијата за кои што се говореше во јавноста, каде со измена на Законот за НБРМ би се одело на варијантата да не се избере Гувернер и да се пренесат надлежностите на Вицегувернерите сметам дека се несоодветни и истите прават правен преседан за да во иднина при слични ситуации некоја следна извршната власт преку промена на Законот за Народна банка да поставува или разрешува гувернери со што ќе се доведе во прашање независноста во водењето на монетарната политика во целина.

Воедно се работи за Закон за НБРМ кој што е целосно усогласен со европската регулатива, така да нема потреба да се носат нестандардни решенија кој што на долг рок носат неизвесност.

Како поранешен министер за финансии имавте можност да соработувате со Гувернерот Богов. Какво е вашето мислење за неговото работење?

Миноски: За Гувернерот Богов можам да кажам дека е независен професионалец со кого што сум имал прилика да соработувам, професионалец коj што добро ја водеше монетарната политика на Република Македонија и ревносно се грижеше да ја обезбеди ценовната стабилност, стабилноста на курсот на денарот и на банкарскиот сектор во целина и во услови кога со бројни политички шпекулации се настојуваше да се наруши стабилноста на денарот и на банкарскиот сектор во целина. Воедно се работи за Гувернер кој што е високо почитуван помеѓу гувернерите на останатите централните банки, како и на монетарните експерти на Меѓународниот монетарен фонд. Јас не гледам причина зашто Парламентот не би поддржал еден квалитетен кандидат и меѓународно докажан експерт.

Гувернерот има многу ингеренции меѓу кои и одлуката за каматната стапка. Како би се одвивало банкарското целокупното работење без тоа?

Миноски: Сценариото во кое што Народната банка ќе биде без Гувернер крие во себе повеќе опасности и испраќа лоши сигнали за македонската економија и макроекономската стабилност.

НБРМ носи одлуки за нивото на основната каматна стапка на редовна месечна основа. Тоа значи дека НБРМ, на редовна месечна основа, ги анализира последните расположливи податоци за клучните макроекономски и финансиски показатели и нивното значење во контекст на тековните макроекономски проекции. Исто така, ги преоценува ризиците и веројатноста за нивно остварување и врз основа на сите овие информации, носи оценка за влијанијата врз поставеноста на монетарната политика. Без да се избере Гувернер се наметнува прашањето кој ќе ја потпише одлуката за основната каматна стапка и кој ќе сноси одговорност за евентуалниот пропуст?

 

Како би се одржувала ликвидноста на банкарскиот сектор преку донесување на политики за целокупното банкарско работење?

Миноски: Доколку не се избере Гувернер и се намали довербата во НБРМ како регулатор, во услови кога во делокругот на неговите надлежности меѓу другото е и да презема мерки кон банки и други финансиски институции кои се предмет на супервизија на Народната банка или кон системите за плаќање, порамнување и клиринг, постои опасност да се зголеми недисциплината во работењето на банките, да се зголемат лошите пласмани, со тоа да се доведе во прашање ликвидноста на банкарскиот сектор.

Што ќе се случи со девизините резерви, доколку навреме не се избере Гувернер?

Миноски: Секоја несигурност и незивесност носи ризици врз макроекономската стабилност и врз економијата. Како ќе биде перцепирана Република Македонија од страна на меѓународните кредитори, инвеститорите и кредит рејтинг агенции доколку во еден подолг временски период НБРМ се остави да биде менаџирана без Гувернер, а токму НБРМ е одговорна за менаџирање на девизните резерви. Која ќе биде гаранцијата дека девизните резерви се сигурни и соодветно менаџирани.

Како би се одржувала долгорочната стабилност на банкарскиот сектор преку донесување на финансиски политики за законско работење на финансиските трансакции во банкарскиот сектор?

Миноски: Во надлежност на НБРМ е одржување на долгорочната стабилност на банкарскиот сектор, а Гувернерот на НБРМ како лице кое што раководи со институцијата носи најголема одговорност за обезбедување на законитост во работењето. Без Гувернер несомено е дека ризиците се поголеми, впрочем да било поинаку законот немало јасно да ги специфицира овластувањата и задачите на Гувернерот.

Дали реализацијата на поголеми кредитни линии се става под знак прашалник заради нереализирањето на проектите во предвидените фази?

Миноски: Како што напоменав можно е да се носат ат хок решенија со цел да се задоволат моменталните интереси на една политичка гарнитура, меѓутоа секоја одлука треба да се гледа низ призма на долгорочните последици. Народната Банка како институција ќе продолжи да функционира меѓутоа несомено без Гувернер нејзиниот кредибилитет кај домашната и меѓународната јавност ќе биде помал.

Несигурноста во банкарскиот систем повлекува намалување на депозитите, дали со тоа ќе биде доведен во прашање кредитниот потенцијал на банките?

Миноски: Дефинитивно секоја неизвесност може да влијае врз депозитната база во банките која што е основа за кредитирањето на банките. Доколку се намали довербата во Народната Банка на Република Македонија и се зголемат сомнежите во нејзината независност, како институција која што е надлежна да врши супервизија на банките, можни се различни негативни сценарија ( од повлекување на депозити до конверзија на денарските во девизни штедни влогови, намалување на кридитирањето, пораст на каматните стапки, зголемување на инфлацијата и сл.). Се работи за институција која што е стожер на монетарниот систем и за чие што работење во изминатите години имаме пофални зборови и од страна на ММФ и Европската Комисија во нејзините извештаи за напредокот на Република Македонија во процесот на пристапување во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top