| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирано новото концертно пијано „Стенвеј“ на Македонската филхармонија

На синоќешниот симфониски концерт на Македонската филхармонија под наслов „Север и југ“, за првпат беше јавно промовирано новото концертно пијано од марката „Стенвеј“, кое претставува донација од градежната компанија „Страбаг“.
Како солист на пијаното се претстави врвниот руско-германски пијанист Евгениј Судбин, кој маестрално го изведе Концертот за пијано и оркестар во a-moll од Едвард Григ.
Настанот беше поздравен со овации, а по тој повод, директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, им се обрати на присутните пред почетокот на концертот. Илиески истакна дека вчерашниот концерт за тимот на Македонската филхармонија е посебен.


– Вечерва, за првпат го промовираме на симфониски концерт новото концертно пијано од престижната марка ‘Стенвеј’, кое ќе прозвучи од рацете на извонредниот руски пијанист Евгениј Судбин, еден од најбараните современи уметници. Со големо нетрпение ја чекавме оваа вечер која претставува историски миг, не само за нас, туку верувам и воопшто, за македонската музичка култура. Ние сме музички уметници и ние знаеме што значи овој чин за секој оној кој што стапнува на сцената, за секој оној кому музиката живот му значи, за секој кој сака да го почувствува звукот на новиот инструмент – истакна Илиески.

За таа цел, на вчерашниот настан беа доделени две благодарници, едната на компанијата како генерална заслуга на сите вработени таму, и втората на господинот Драган Павелиќ, член на Управниот одбор на „Страбакг“, за неговата лична заложба во збогатување на музичкиот живот во републиката.

Илиески изрази огромна благодарност од името на сите вработени во Македонската филхармонија и додаде: „Нам ни останува да организираме уште многу добри концерти, а пијаното ќе ја испишува својата историја на овој подиум“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top