| четврток, 6 декември 2018 |

Николоски: Заев би можел во Влада да собере бандити од сите области кои ќе го советуваат (видео)

Политичка и економска криза во владее во Република Македонија. Граѓаните очекуваат одговор на многу прашања за внатрешната и надворешната политика, судството… Тие се во надеж дека ситуацијата не е безизлезна.

За сите актуелни теми, за политиката и економијата, спорот со името, скандалозните вработувања во Владата на Заев и за идните чекори на партијата, говорел Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Курир.

Тој дава негативна оцена за работата на актуелната Влада на Зоран Заев, а истата детално ја образложува.

– Владата на 1-ви јуни ќе одбележи точно една година откако беше изгласана во македонското Собрание. Оваа година се карактеризира со начинот на кој оваа Влада беше избрана и сето она што претходеше на изборот на Владата. Во политичкиот дел гледаме една силна злоупотреба на институции, пред се во делот на полицијата и правосудството, можам да кажам и еден класичен политички терор врз членови на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој момент преку 200 луѓе кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ кои се или под истрага или се веќе под обвинение. Најчесто се работи за истраги или обвиненија кои се далеку од реалноста. На пример, дали некој поранешен директор на одредено локално претпријатие го вратил мобилниот телефон кој што го задолжил во исправна или неисправна состојба, дали градоначалник на одредена општина кога ја исчистил фасадата на општината која претходно беше офарбана во таканаречената шарена револуција ја осигурал зградата или не, дали се точело бензин или дизел и слични небулози, кои имаат само една цел, а тоа е целосна политичка дискредитација на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во делот на економијата, јасно е дека има едно целосно замрзнување на економската активност. 2017-та година беше прва година во која Македонија немаше раст на економијата, односно растот на БДП беше нула. Почетните месеци од оваа година се исто така исклучително лоши и во делот на реализација на буџетот и во делот на јавната потрошувачка и во делот на градежните активности кои најчесто ја движат економијата во Македонија. Во делот на надворешната политика ја имаме оваа таканаречена “шарм“ дипломатија во која што се обидуваме да ги решиме клучните национални прашања со шармирање на оние со кои што разговараме, обично други методи се користат. Имаше многу работи кои што беа ветени, но ветеното не се остварува. Се вети пораст на платите, а просечната плата во февруари се намали за 3,6 %, во делот на социјалата исто така не се исполнија ветувањата. Ако можам да извлечам една генерална оценка, оценката е дека Владата направи сериозно уназадување во овој економски и социјален дел и сериозно поларизирање во политичкиот дел. Дополнително на тоа, работите кои што ги критикуваше како опозиција, не само што ги продолжува, туку ги продолжува во уште понегативен контекст од оној кој го критикуваше во опозиција, дали зборуваме во делот на правосудството, медиумите, во делот на стопанството… Се случуваат најлошите пракси видени до сега во Република Македонија. Често во минатото зборуваа за “фамилијата“, сега гледаме дека “фамилијата“ навистина се реализира затоа што најголемите активности во моментов во стопанството ги извршува фамилијата Заеви, тоа не го кријат, го кажуваат јавно дури и се гордеат со тоа. Сума сумарум, оценката е негативна, не само затоа што сме опозиција туку затоа што фактите го зборуваат истото, вели Николоски за Курир.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја анализира состојбата во македонската економија. Вели дека владата на Заев направи двојни грешки во водењето на економската политика-структурни и човечки.

– Во однос на човечките, во држава како Македонија која е мал пазар и мала по население, секогаш главниот двигател на економијата е буџетот, односно кога ја стимулирате преку буџетот јавната потрошувачка, во тој случај економијата би се движела подобро. За да го направите тоа треба да имате силни фигури на раководните позиции во Владата кои што можат да го движат тоа. Ние, за жал, такви не гледаме. Имаме два типа, едни се од типот на господинот Кочо Анѓушев, бизнисмени кои влегоа во Владата за да си го подобрат бизнисот или да ги наплатат обврските кон одредени банки кои што ги имале во минатото како бизнисмени. Вториот тип е како министерот за финансии кои никогаш немале допир со реалната економија, кои доаѓаат од еден академски свет и не знаат што да прават. Заеднички и за едните и за другиве е што не работат. Министрите во владава работат од 10 до 14 часот, а дуректорите од 12 до 14. Со два или четири часа работа не се постигнува резултат. Како резултат на тоа доаѓаат и концепциските проблеми кои не знаат во која насока да ја движат работата, се измислуваат ад-хок решенија. На пример, едно ад-хок решение за полнење на буџетот беше зголемување на акцизата на дизел горивата и филозофијата на Владата беше дека доколку се зголеми акцизата на дизел горивата, ќе се зголеми приходот во буџетот, според нивна проценка за 35 милиони евра и на тој начин ќе имаат дополнителни приходи. Во реалноста се случува токму спротивното, односно кога вие зголемувате цена на нешто или зголемувате даноци или давачки автоматски паѓа потрошувачката затоа што тоа не можат да си го дозволат ниту граѓаните ниту компаниите и имате уште помал приход од оној кој што сте го планирале, рече Николоски кој детално, со бројки и анализа даде примери од резултатите на вакви мерки.

Македонската јавност е разбранета по секоја нова информација за монструозното петкратно убиство кај Смилковското Езеро. Лицата осудени за ова дело се веќе на слобода, а родителите на жртвите преживуваат голгота. Николоски со остра осуда за начинот на кој Заев манипулира со оваа огромна трагедија.

– Тоа е една огромна трагедија и јас мислам дека правдата на некој начин беше задоволена имајќи предвид дека имаше сериозен судски процес против оние кои го извршиле делото. За жал, во рамки на политичките договори кои ги правеше СДСМ, не само со други одредени политички партии, туку и со одредени криминални структури, презеде обврски кои се надвор од реални можности на една Влада, а тоа е директно да влијае на судството и врз обвинителството и во едно директно влијание, обвинителството да се реши одново да започне овој процес и да се ослободат оние кои што се обвинети за овој највисок акт на тероризам, исполнувајќи го политичкиот пазар на СДСМ. Тоа е една голема, семејна трагедија која не смее да остане неказнета и која колку и да е сега судството и обвинителството под притисок, ќе дојде ден кога ќе се ослободи и судството и обвинителството. Се надевам дека тоа ќе биде со промената на власта која се надевам дека ќе дојде што побрзо и ќе можат правично, врз основа на факти и докази да ги осудат се надевам на максимални казни оние кои што го извршиле овој грозоморен чин. Во таа насока мислам дека манипулациите кои ги прави премиерот Заев, не само што не се дозволиви во политика, туку се крајно нечовечки. Да манипулирате со родители кои изгубиле деца значи дека немате душа, дека немате чувство за тие луѓе. Тоа е најтрагично и најгрозно во целата оваа политичка манипулација на Заев, оценува Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ бил запрашан за коментар за поранешниот командант на ОНА Џезаир Шаќири – Хоџа кој е ангажиран како советник на премиерот Зоран Заев. Ова лице се наоѓа на црната листа на САД, што само по себе е скандалозно вработување. Николоски оценува дека командант Хоџа не е единствен и дека во Владата на Заев се наоѓаат бандити. По таа логика, вели Николоски, Заев би можел да собере во Влада бандити од сите области кои ќе го советуваат.

-Тој не е единствен. Во делот на советници има уште едно лице, вкупно две лица кои се на црната листа на САД. Влада која што се обидува да се прикаже како про НАТО и ЕУ во врвниот кабинет на премиерот, најблиските луѓе на премиерот, има двајца советници кои што се на црната листа на САД. Сега слушам и запрашување на Владата во делот на уште еден коалиционен партнер кој исто така е на црната листа на САД. Нашава Влада претендира да биде веројатно после Влади од типот на Иран, Русија и на слични држави кои се во силен судир со западните вредности, да биде Влада со најмногу луѓе на црната листа на САД. Парадоксот е што во исто време устите им се полни со НАТО и ЕУ. Едно зборуваат, друго прават. Ако се направи анализа на вкупниот број на советници кои што ги има премиерот Заев, тој има 56 советници во држава со 2 милиони жители. За споредба, во Велика Британија со 80 милиони жители, премиерот има 32 советници. Што е трагично, овие советници ништо не испорачуваат затоа што гледаме дека ситуацијата во Република Македонија е катастрофална во било која област. Факт е дека се работи за едни други ангажмани, а не стручни. Тоа се ангажмани на задоволување на одредени политички потреби. Најтрагично е што крупни бандити влегуваат на вакви позиции. Јас често зборувам дека во делот на политичката партија ДУИ има одредени структури кои се криминогени, кои ги злоупотребуваат позициите и власта. За жал, само во една друга политичка партија има поголем број на бандити од ДУИ, а тоа е во СДСМ. Да го земете за советник човек кој јавно говори дека ќе ослободел одредена област во Македонија затоа што е советник, односно вели дека во моментов таа не е слободна или е окупирана, говори дека вие сакате да се дружите со бандити. По таа логика, претпоставувам дека треба да се поканат бандити од сите области: од економијата, од недозволена трговија со наркотици, можат да ги поканат бандитите кои прават недозволена шумска сеча, овие кои шверцуваат на граница… Така ќе ги имаат клучните бандити во секоја област за да ги советуваат како Владата да стане побандитска затоа што нема друг начин како да се објасни ова што го работи Владата, вели Николоски.

Николоски е човек кој долги години е во дипломатските води. Тој дал коментар и за начинот на кој во моментов се водат преговорите меѓу Македонија и Грција од страна на Заев и Димитров и дали очекува решение. Вели дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е непроменет и ја оцени дека Владата процесот го води сама.

– Ние, за жал, како опозиција немаме детални информации околу процесот. Владата одлучи процесот да го води сама, без да ја информира опозицијата. Имаше само една средба во јануари каде се разгледа еден сет на идеи кој го имаше медијаторот Нимиц и од тогаш сме во тотален мрак. Секој мој коментар во оваа насока не би бил базиран на факти, туку базиран на претпоставки. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, непроменет, ист цели 13 години. Нема да дозволиме промена на Уставот со цел промена на уставното име и дека нема да дозволиме промена на именувањето на македонскиот национален идентитет, јазик и култура. Секое решение кое што би било во рамките на овој став, мора да оди на референдум за граѓаните да го кажат својот финален суд. Ова е нашиот став и ние стоиме позади него. Дали Владата ќе успее да има решение кое ќе биде во овие рамки или не, ќе видиме. Да бидам искрен, по она што го гледам во медиумите, не сум голем оптимист, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ се врати во Законодавниот дом, а Николоски вели дека таму функционираат како остра опозиција. Го прашавме дали гледа на повидок конечно решавање на политичката криза во земјава.

– Не може да се надмине политичката криза ако од другата страна имате Влада која цело време се обидува да ги злоупотребува механизмите на власта и на тој начин да создаде поларизација во општеството. Нивна цел не е конструктивна соработка со опозицијата туку нивна цел е да ја уништат опозицијата. Кога имате цел да ја уништите опозицијата тоа значи дека вие сакате да создадете тоталитаризам каде што нема да имате критика и промена на власта. Во такви услови, јас не гледам како може да заврши политичката криза и тоа сериозно ме загрижува затоа што тензијата во општеството е голема, секојдневна, револтот е огромен и многу лесно може да излезе од контрола, вели Николоски во интервју за КУРИР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top