| четврток, 6 декември 2018 |

Се бара оставка од Спасовски бидејќи го правдаше вработувањето на Хоџа

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, поради неговата изјава во која праша што е контроверзно во изборот на Џезаир Шаќири-Хоџа за советник во кабинетот на премиерот.

Од Демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ велат дека не можат да се начудат на леснотијата на изговорените зборови и на обидите по којзнае којпат со манипулативен вокабулар и замена на тези да се избегне одговорноста и некадарноста.

„Министре Спасовски, контроверзно е тоа што Вие како министер во владата на Зоран Заев и ние како држава сè досега немавме контрола на дел од територијата на Република Македонија, а молчевте и криевте од јавноста. Контроверзно е дека ангажирањето на Хоџа е резултат на политички договор, Вие него да го ставите поблиску до премиерот Заев, а тој да го ослободи селото Танушевци. Контроверзно е што направивте гола трампа. Функција во замена за ослободена и досега неконтролирана територија. И не е само што е контроверзно, министре Спасовски, туку е жално и срамно“- велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека постои меѓународната потерница од Србија за поранешниот командант на ОВК, Џезаир Шаќири Хоџа, кој е под обвинение дека е еден од организаторите за нападот на преминот Доброшин кај Прешевската Долина, но и дека тој се наоѓа на црната листа на САД.

Од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ велат дека најдобро е Спасовски да даде оставка, по можност, како што велат, во пакет со премиерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top