Новата збирка хаику-поезија „Реми“ од авторите Гето Руди и Теа К. ќе биде промовирана денеска (на 8 мај) во 18 часот, во рамките на 30. издание на Саемот на книга, на штандот на книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ во ВИП Арената во СЦ „Борис Трајковски“. Книгата „Реми“ е дел од идеја што се роди пред седум години за три заеднички поетски книги со по 77 хаику-песни, како завршена целина.
– Најпрвин ја објавивме збирката „Партија шах“, чие име беше фин вовед во тој умствено-креативен поетски „двобој“. Шахот е умствена игра, па оттаму и поврзаноста на насловите на првата и втората книга со хаику-поезија со шахот, бидејќи хаикуто е специфична форма на поезија што бара одредена умствена прецизност и креативност и знаење. Секако, и третата книга ќе ја следи таа идеја. Исто така, сосем случајно, двајцата имаме напишано и по една хаику-песна во врска со шахот, па тоа само ја надополни почетната идеја и тие песни станаа дел од првата книга, така што и во „Реми“ се провлекува по една песна од секој автор поврзана со таа тематика и тоа веќе станува препознатлив печат на книгите – велат авторите Гето Руди и Теа К.
Иако станува збор за ист вид поезија, авторите се сосем различни во поглед на своето хаику-творештво и на различен и посебен начин „заробуваат“ мигови или цела вечност во кратката, а моќна форма „пет-седум-пет“ на хаику-поезијата. Специфично е што самата хаику-поезија дава одредени рамки со формата „пет-седум-пет“, а истовремено нуди и слобода на креативност за да се преточи мислата токму во тие рамки, едноставно авторот си игра со својата почетна инспирација, идеја, со себеси, со песната, умствено креира, реди и прередува, а тоа на крајот се пренесува многу помоќно, затоа што е кратка форма во којашто треба да се каже сè. Тоа што „Реми“ е сочинета од двајца автори само ја надополнува таа специфичност, зашто се работи за два начина на изразување преку оваа кратка и строга, а многу креативна и слободна поетска форма.
Авторите Гето Руди и Теа К. пишуваат хаику-поезија десетина години и имаат учествувано на разни хаику-читања. Исто така, имаат објавувано и своја хаику-поезија во хаику-списанието „Мравка“, нивни хаику-песни се дел и од антологијата „Нов македонски хаику-бран“ (2011), а присутни се и на хаику.мк. Со своја хаику-поезија имаат земено учество и на 47. и 49. Струшки вечери на поезијата („Ноќи без интерпункција“).
Освен заедничките две книги со хаику-поезија, заедничко на двајцата автори им е и тоа што објавуваат под псевдоним, зашто сметаат дека „книгите се важни заради книгите“, имињата на авторите се во втор план, како и тоа дека и двајцата се магистри по комуникации. Едниот од авторите е дипломиран професор по македонски јазик и литература и лектор, а другиот дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност.
Денеска, со почеток во 12 часот, специјалниот гостин на „Арс Ламина“ – Урош Петровиќ ќе одржи работилница за најмладите на саемскиот простор на „Литература.мк“. Вчера (6 мај) најпродаваниот автор за деца во Србија со квиз-перформанс го престави и серијалот „Загадочни приказни“ на македонски јазик. Истиот ден се одржа и промоцијата на романот „Канџа во мракот“ – првиот од новиот серијал за деца наречен „ТКЦП“ од писателката Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст