| четврток, 6 декември 2018 |

Детали за несреќата кај Гостивар: 32 – годишен маж загинал на лице место, двајца тешко повредени

Вчера околу 17.25 часот на магистралниот пат Гостивар-Кичево, кај асфалтната база „Прогрес 98“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Рено Меган“ со гостиварски регистерски таблици управувано од С.П.(32) од Гостивар и патничко моторно возило „Опел Астра“ со дебарски регистерски таблици управувано од Џ.А.(21) од Дебар.

Во незгодата од здобиените повреди на самото место починал возачот С.П. Смрт била констатирана од страна на лекар од Итната медицинска помош од Гостивар. Со возило на Итната медицинска помош во Ургентниот центар во Гостивар биле пренесени возачот Џ.А. и сопатниците од двете возила М.М.(24), Љ.П.(25) и тригодишно дете. По укажаната лекарска помош кај Џ.А. и М.М. констатирани биле тешки телесни повреди и биле препратени во Комплексот Клиники “Мајка Тереза“ во Скопје на понатамошно лекување, а додека кај Љ.П. и кај детето констатирани биле телесни повреди и биле пуштени на домашно лекување.

Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Гостивар. Телото на починатиот било пренесено во Медицинскиот центар во Гостивар за обдукција. Сообраќајот се одвивал наизменично по една коловозна лента. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top