| четврток, 6 декември 2018 |

Многу врева за ништо: Министрите ќе се спасат, директори ќе летаат

Разговорите за владината реконструкција продолжуваат и викендов, па до средината на овој месец се очекува да се покаже кои функционери биле најслабата алка во оваа влада. Иако беше најавена во февруари, проветрувањето на владиниот кабинет уште не се случило, а се разговара со повеќе партии, бидејќи не се разговара само за смени, туку и за проширување на парламентарното мнозинство. Поголема слабост на Владата се одредени функционери, отколку министри изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

-Реконструкцијата е добра шанса некои функционери да завршат во немилост. Тимот мора да продуцира постојано резултати. Реконструкцијата на Владата ја одложиле поважни прашања и се прават анализи. Сакаме да се прошири и парламентарното мнозинство бидејќи има одреден број партии кои сакаат да влезат во Владата, разговараме на повеќе фронтови, рече Шекеринска.

Добро упатени извори велат дека не се предвидени поголеми промени во владиниот кабинет, и оти во најавената реконструкција најмногу промени ќе има во директорските места.

Дека е можно реконструкцијата да помине без поголеми промени во министерските фотелји неодамна можноста ја отвори и премиерот Зоран Заев.

-Рековме на почетокот на мај. Може на крајот да се случи повеќе ресори да се сменат, може никој да не се смени, рече Заев во врска најавената реконструкција на владиниот кабинет.

Во исто време, разговори за проширување на парламентарното мнозинство засега се водат со двете крила на БЕСА кои имаат вкупно пет пратеници, и со ДПА која има два пратеника. Досега разговорите се воделе претежно околу принципите врз кои би се темелела идната соработка, но се разговара и за тоа каде партиите би можеле да го дадат својот најдобар кадровски придонес.
Дел од медиумите веќе објавија дека министерствата за образование, култура и животна средина се дел од преговорите во најавената реконструкција.

Како што и претходно објавиви Вечер.пресс, во реконструкцијата не се исклучува можноста Министерството за образование да го добие ДУИ за трампа со Министерството за правда, каде, како што се шпекулира, на министерското столче ќе седне актуелната министерка за образование Рената Десковска-Треневска.
Актуелниот владин состав брои 19 министри, од кои шест се министри без ресор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top