| четврток, 6 декември 2018 |

Сирот Глигоров кога премиерот Заев го слави!

 Предраг Димитровски

„…Ваква, во суштина инфантилна манипулација со овој толку манипулиран народ, не може веќе да помине, не со една, туку ни со пет колони „Нова Македонија”. За овој понижувачки анахронизам, Глигоров и СДСМ ќе треба да си најдат друго време, друго место и – друг народ!„.

Ова е крајот на колумната насловена како „Мечкин Камен 1997”, чиј автор премиерот Зоран Заев може лесно да го дознае само ако го праша неговиот министер, кој не знае да пее, ама затоа е крал на скарата. Временски таа не треба да се лоцира, зашто тоа е сторено во самиот наслов.

Сега се други времиња, речиси цели две децении подоцна. Од тогаш досега многу работи се измениле, пред се технолошки, а за значењето и влијанието на „Нова Македонија” може и ден-денес да се дебатира, иако мора да се признае дека како медиум целосно ја исполнува својата функција поради која бил и формиран весникот. Но, чудо е како нешто, што било напишано пред толку години, не губи од својата актуелност. Обидете се да направите само една мала замена, па наместо Глигоров да го ставите името на премиерот Зоран Заев! Ќе добиете иста суштина! Во конкретниот пример разликата ќе биде само во медиумот-наместо „Нова Македонија” сега станува збор за фејсбук статус на премиерот Заев. Да, господинот Заев, во духот на новото време, со ФБ статус, ја одбележа 101 годишнината од раѓањето и му одаде почит на првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија, Киро Глигоров.

И се ќе беше в ред ако притоа не излегоа на површина неколку работи. Прво и основно, функционирањето на премиерот Заев како двојна личност, нешто како мистер Џекил и мистер Хајд, нешто што уште многу порано го направи и со самиот Глигоров, делејќи го на еден Глигоров за надворешна и еден за внатрешна употреба! Второ, што наместо историчарите, премиерот Заев се обидува да ја одреди историската улога на првиот македонски претседател. Трето, што актуелниот премиер сака да претстави некаков континуитет во политиките на Глигоров и неговите, четврто, што една веќе историска личност се злоупотребува за дневно-политички цели. Петто, што самиот текст на статусот претставува глорификација од типот „Друже Тито ми ти се кунемо…”, или „И по Тито-Тито”, нешто што не доликува ниту на еден премиер, ниту, пак, соодветствува на времето и актуелниот политички миг. Кога се ќе се собере на едно место, човек не може да се оттргне од впечатокот за голо лицемерие, дрскост, безобразие и бескрупулозност.

Чисто за континуитет, ако точно го пренеле порталите, еве што напишал премиерот Заев на својот ФБ профил: „Киро Глигоров е првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија и личностa којa ги поврза двата столба на македонската државност. Тој е најзаслужен за создавањето на самостојна Македонија, единствена држава од сите поранешни републики на Југославија која по мирен пат и без војна прогласи независност. Претседателот Глигоров со мудрата надворешна политика ја отвори вратата на Македонија кон светот, модерните демократии и остави личен печат кон нејзината меѓународна афирмација.Ќе го паметиме по неговото лидерство, искуство и мудри политики во начинот на раководењето со државата во тешките и критични моменти во деведесеттите години. Ќе го паметиме како лидер и државник од кого научивме многу за независноста, самостојноста и зајакнувањето на суверенитетот на нашата држава. Токму поради неговите политики, денеска Македонија слободна, слободно живее!

Претседателот Глигоров претставува инспирација за денешните идеи и политики за слободна и напредна Македонија. Тој велеше дека без оглед на вера, националност и традиции, граѓаните треба да бидат еднакви во сите права и обврски. Затоа, денеска чекориме по неговата визија и мудрост за успешна и просперитетна Македонија. Македонија едно општество за сите, со економски просперитет, интеграција кон ЕУ и НАТО, со институции во служба на граѓаните и демократски реформи. На одбележувањето на 101-та година од раѓањето на Киро Глигоров ја испраќаме пораката дека ќе се водиме по овие столбови кои значат сигурност за нашата држава, затоа што Македонија е сѐ што имаме!“.

Да, Македонија е се што имаме, ама Глигоров, иако ја прифати привремената референца, никогаш не споменал менување на името Република Македонија. Неговата политика за двојно име, едно за нас и светот и едно, што ќе го избере Грција, сега премиерот Заев ја фрла во корпа за отпадоци! Па, за каков континуитет тогаш пишува! Ова е само една ситница, што треба да се спомене. Патем, еве што во гореспоменатата колумна, меѓу другото, пишува авторот, кој на премиерот, нели, треба да му го посочи неговиот министер, кој не знае да пее, ама затоа е крал на скарата:„…Првиот случај ќе настанеше ако претседателот (Глигоров л.з.), од посткомунистичка позиција, начелно го ревидираше својот однос кон Илинден. Ако се покаеше за гревот што го направил врз својот народ, работејќи за Тито, кој, преку Ѓилас, Темпо и Колишевски, го оттргнувал нашиот народ од Илинденското востание, под изговор дека тоа е востание на „бугарскиот народ”, замесувајќи ни историски вакуум. Колишевски го сметал за грешка свикувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август, зашто тоа асоцирало на Илинденското востание! Тој го негирал и Гоце Делчев како „еден обичен Бугарин, без значење за Македонија” и „револуционерно минато на македонскиот народ„ поврзано со него…”.

Премиеро Заев, ако навистина го мислел тоа што го напишал, досега имаше две отворени можности да му се оддолжи на Киро Глигоров. Првата, со потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија да добие име на улица во Софија. И втората, покренатата иницијатива на поранешните македонски амбасадори, скопскиот аеродром, наместо „Александар Македонски”, да го носи името на Киро Глигоров. И двете не ги искористи, а верувам дека причините за тоа му се добро познати. Ако се било како што треба, барем едната ќе добиеше зелено светло. Вака, останува човек само да каже – сирот Глигоров кога премиерот Заев го слави!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top