| четврток, 6 декември 2018 |

Тензични односи меѓу Загреб и Белград: Какво писмо ќе им прати Дачиќ?

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека до официјален Загреб ќе испрати список со 20.000 имиња на деца убиени во логорот Јасеновац.

Вели дека тоа ќе биде одговор на „обидите за релативизација на усташките злосторства и ревизија на историјата на Србија“.

„И претходно планирав тоа да го направам, но кога и да одлучев да го испратам списокот на некој министер, тие ќе го сменеа. Така беше и кога сакав да го испратам до поранешниот шеф на дипломатијата Давор Иво Штир. Но, овојпат ќе го испратам списокот со препорачано писмо“ – рече Дачиќ.

Дачиќ смета дека хрватските функционери, од почит кон жртвите би требало да молчат, а не да бараат нови истраги, како претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ која се заложи за формирање меѓународна комисија за утврдување на бројот на жртви во Јасеновац.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ потврди дека нема да го повлече амбасадорот од Србија откако хрватскиот министер за одбрана, Дамир Крстиќевиќ беше прогласен за непожелен.
По вчера разменетите изјави на Пленковиќ и Дачиќ, во кои се сложија дека Србите и Хрватите не се исти, според Дачиќ затоа што Хрватска била со Хитлер и извршила холокауст а Србија не, хрватскиот премиер денес тоа го нарече „скандалозна реторика“, пренесува Н1.

„Решително ја отфрламе скандалозната реторика на еден министер за надворешни работи кој е познат по тоа дека е неуспешен шлагер пејач и ние со такви изјави нема да се замараме, туку ќе водиме европска политика“- им кажа Пленковиќ на новинарите.

Тој повтори дека Хрватска води политика на соработка со сите што ги почитуваат цивилизациските и европските стандарди.

„Ја разгледавме тематиката и вчера и денес. Хрватска е одговорна држава и сакаме да отвориме нови страници на соработка со сите соседни земји“- кажа хрватскиот премиер.

Тој додаде дека со претседателката Колинда Грабар Китаровиќ и министерката за надворешни и европски прашања Марија Пејчиновиќ Буриќ вчера и денес ја разгледал проблематиката на односите со Србија истакнувајќи дека нема да има повлекување на хрватскиот амбасадор од Белград.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top