| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието на тест

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на вчерашната собраниска седница го стави Собранието на РМ на тест. Иако надвор од дневниот ред, тој упати сериозни обвинувањата за злоупотреби во Парламентот. Според негови, како што рече, сериозни сознанија, гостите кои доаѓаат во Собранието на посета кај опозициските пратеници, а се вработени во државни институции, се „кодошат” кај работодавачите, односно во институциите се препраќаат списоците во кои се запишуваат луѓето што влегуваат во Собранието!

– Сакам само да ја информирам јавноста за една работа што се случува кога одредени граѓани остваруваат посета во канцеларии во Собранието и се задолжени да се пријават во пријавница. Има список – кој дошол на средба со Димовски, со Тунтев, со Гаши, со Села. Она што е фрапантно и зачудувачко е што имаме потврда од институции каде дел од тие луѓе работат дека таквиот список од Собранието се препраќа во тие институции кај што работат дел од луѓето кои дошле на средба со пратеници кои не се дел од владејачкото мнозинство. Под посебна анализа се гостите кај Села, Гаши, Никола Поповски, Антонио Милошоски, кај мене и кај други пратеници од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ. Не барам да се преземе нешто, го знам наравот и причините, желбите и мотивите за ова. Мојата цел беше да ја информирам македонската јавност за тоа каков тоталитарен систем постои во ова Собрание – рече Димовски.

Спикерот Талат Џафери возврати дека Димовски ја злоупотребува собраниската говорница за тема, што не е предвидена со дневниот ред, и го предупреди дека доколку има какви било информации, да пријави до надлежните служби.

Димовски и Џафери можат меѓусебно политички да се надмудруваат колку сакаат, но вака сериозните обвинувања за кршење на човековите права и слободи, и тоа во храмот на демократијата, отвараат и други прашања. На пример, дали покрај предавањето на списоците не се преземаат и дополнителни мерки како поставување „бубачки„ и други „шумски ѕверки„ во кабинетите на претставниците на опозицијата!? Оттука, најмалку е важно дали самиот Димовски ќе побара или не да се преземе нешто. По ваквите сериозни обвинувања, членовите на надлежната собраниска комисија за контрола на работата на тајните служби најмалку што можат да направат е самоиницијативно да покренат постапка за нивна проверка. Зашто, ако се покаже и докаже дека граѓаните чувствуваат било какви последици од посетата на храмот на демократијата, тогаш што останува за нивното секојдневно движење!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top