| четврток, 6 декември 2018 |

„Бугарска памет” ќе остане разочарана

Претседателите на Република Македонија и Република Бугарија, Ѓорге Иванов и Румен Радев, својата работна средба на 6 мај ќе ја одржат во Дојран, а не во струмичко Ново Село. Ваквата одлука сигурно во многу ќе го разочара првиот човек на фондацијата „Бугарска памет”, Милан Врабевски, кој уште пред две недели речиси киптеше од радост најавувајќи дека годинава за првпат на комеморативната церемонија на гробиштата на бугарската војска во Ново Село ќе присуствуваат и претседателите на двете земји.

Со ваквата одлука, претседателот Иванов јасно направи дистинкција меѓу присуство на државна церемонија и некаква „приватна журка„, па било таа да се одржува како комеморативна средба.

Шести мај, Ѓурѓовден, од 1880 година или само две години по ослободувањето од турското ропство, во Република Бугарија се слави како Ден на храброста и празник на бугарската армија. Меморијалниот споменик и гробиштата на бугарската војска во струмичко Ново Село, подигнати во знак на сеќавање на загинатите војници за време на Првата светска војна се целосно реставрирани со средства на Врабевски.

– Успеав да се видам со гардистите и да го разгледаме местото каде на 6 мај ќе се одржи историската средба на двајцата претседатели на Република Македонија и Бугарија, Ѓорге Иванов и Румен Радев, изјави пред две недели филантропот Врбевски.

Провладините медиуми во земјава средбата на двајцата претседатели во струмичко Ново Село, пак, во контекст на ратификацијата на Договорот за добрососедство со Република Бугарија ја најавија уште во февруари годинава, кога Радев престојуваше во официјална посета на Република Македонија. Притоа беше споменувано дека двајцата претседатели прво ќе присуствуваат на државната прослава на Денот на бугарската армија во Софија, а потоа и на комеморацијата во Ново Село.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top