| четврток, 6 декември 2018 |

Могерини: Ќе ја штитиме слободата на изразување во и надвор од ЕУ

ЕУ ја потврдува својата решителност да продолжи со заштита на слободата на мислење и изразување во медиумите, како во рамките на границите на Унијата, така и надвор од неа, врз основа на загарантирано право на основните принципи на еднаквост, недискриминација и универзалност, изјави денеска европскиот висок претставник за недворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

Во изјавата по повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, Могерини нагласува дека слободата на изразивање и на медиумите е загрозена насекаде ширум светот.

– Нападите врз медиумите и новинарите претставуваат напади врз демократијата и слободата, оценува Могерини, додавајќи дека ЕУ се базира на вредностите на демократијата, човековите права и владеењето на правото, како и на слободни и плуралистички медиуми, што е утврдено и со Повелбата на Унијата за основните права.

Могерини натаму наведува дека ЕУ ги осудува и се спротивставува на насилството, заканите и политичките притисоци врз новинарите, со што се ограничува слободата на изразување, и најавувува дека Брисел ќе преземе конкретни чекори како одговор на тие појави.

– Почитувањето на слободата на изразување е интегрирано во сите политики на ЕУ и во нејзините развојни програми. Законите, политиките и инструментите на ЕУ се дизајнирани со цел да ја зајакнат медиумксата слобода ширум Унијата и да се подобри транспарентноста, кредибилитетот и разновидноста на информациите достапни на интернет, истакнува Могерини во писмената изјава.

Таа додава дека ЕУ ќе продолжи со финансирањето проекти во трети земји со цел подобрување на квалитетот на новинарството, обезбедување пристап до информациите од јавен карактер и гарантирање на слободата на изразување.

Могерини во изјавата им изразува почит на сите медиумски работници во Европа и светот, кои загинаа извршувајќи ја својата должност и ги повикува владите на сите држави да го осудат насилството врз новинарите и да преземат мерки за подобрување на нивната безбедност, со посебно внимание кон новинарките, како и да ги изведат пред лицето на правдата сторителите и иницијаторите на овој тип насилство.

– Слободата на печатот игра клучна улога во промовирање на владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста. Независното новинарство е од пресудно значење за следње на одговорноста на државите и на демократските процеси. Слободните и независните медиуми се столбови на плуралистичките и отворени општества и имаат одговорност за гарантирање на проверено и правилно информирање на јавноста, порачува Могерини во изјавата по повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top