| четврток, 6 декември 2018 |

Коѕијас: Ако Заев го смени името, ќе оди во затвор

Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, за првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената“, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај.

Коѕијас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.

– За да биде вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се склучи меѓународен договор што ќе го содржи сето ова? Може и постојат правници што веруваат во тоа. Но, искуството покажува дека ако се смени оваа влада, следната ќе го испрати Заев во затвор, велејќи дека го прекршил Уставот, со прифаќање на меѓународно име што не е предвидено и не е дозволено од Уставот. Односно и за нивна заштита, како што им имам објаснето, потребна е промена на Уставот, вели Коѕијас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција, во синоќешното интервју за Скај, овој негов став уште еднаш го поткрепи со примерот со документите, дека не може во внатрешните и надворешните документи да се користи различно име, бидејќи ќе има моменти кога еден внатрешен документ, на пример, лична карта или Уставот, или, пак, диплома од факултет, да треба да се преведат на друг јазик за употреба во странство, и во тој случај би го содржеле не новото, туку уставното име. Според Коѕијас, ова би довело до секојдневни несогласувања за тоа кое име би се користело.

– Тоа ќе биде континуирана кавга. Затоа, секој пат потенцирам дека решението треба да биде стабилно, долготрајно и да решава, наместо да создава проблеми, додава Коѕијас.

Во однос на членството на Македонија во НАТО, запрашан за тоа дали е можна една „привремена интеграција“ одговара негативно, објаснувајќи дека тоа може да создаде проблем и притисоци врз Грција.

– Може да се договориме да се даде покана, од НАТО се дава покана и потоа таа се ратификува во парламентите. Потоа, парламентите тоа го испраќаат до САД, во Вашингтон, бидејќи е чувар на договорите на НАТО уште од формирањето. Тука, во што е проблемот? Им објаснувам на сите. Да речеме дека се 29 држави членки на НАТО, 28 од нив завршиле со ратификацијата, а ние не го имаме ратификувано бидејќи не ги направиле промените што ги ветија. Кој ќе јаде ќотек? Тие од 28-те земји или ние, што ќе не притискаат? Така ќе се префрли проблемот, рече Коѕијас, пренесе МИА.

Шефот на грчката дипломатија, уште еднаш повтори дека времето е многу кратко за постигнување договор до јулскиот самит на НАТО. Објасни дека за одржување референдум во Македонија, потребни се два месеца, потоа ќе треба да се ратификува во собранието, па во ОН, за да се потпишат меѓународните договори. Сѐто ова, според Коѕијас, не би можело да се направи во периодот што преостанува, односно за два месеца.

Во однос на тоа дали постои договор за името, тој вели дека не е проблемот во тоа кое ќе биде новото име, бидејќи е договорено да биде сложено и географско, а Македонија ќе треба да одбере еден од предлозите на Нимиц, со исклучок на Република Македонија (Скопје), име кое веќе е отфрлено од грчката страна.

Запрашан за тоа дали медијаторот доставил конечен и комплетен предлог, Коѕијас вели дека Нимиц направил проценка на последните преговори, „која страна треба да донесе одлука и да се согласи“, но не откри која е страната што треба да направи отстапка. Шефот на грчката дипломатија коментира дека медијаторот е објективен и покрај тоа што понекогаш и едните и другите имаат поплаки.

– Понекогаш ние имаме поплаки, некогаш имаат другите. Господинот Нимиц 25 години работи на ова, нѐ виде дека се доближивме до решение, го гледа доброто расположение и од двете страни и се обидува да нѐ охрабри да завршиме, вели Коѕијас.

Министерот за надворешни работи на Грција, смета дека за Грција било најсоодветен момент да се започнат преговорите бидејќи, според него разговорите биле и се меѓу двете страни, затоа што „Германија многу месеци немаше влада, а САД не се многу заинтересирани за Западен Балкан, како што беше случај во минатото

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top