| четврток, 6 декември 2018 |

Секогаш е убаво кога Јосипа Лисац е во Скопје

-Прекрасни сте и секогаш е убаво кога сум во Скопје. Ова го зборувам без никакво додворување. Овде доаѓам од 1969 година и многу сум горда на тоа  – и се обрати Јосипа Лисац на публиката во Македонската филхармонија во петокот навечер на концертот кој е посветен на нејзиниот животен партнер, пејачот и композитор Карло Метикош и со кој одбележа 50 години кариера.

„Лежај од суза“ ја избра за почеток на музичкото патување, па преку „Данас сам луда“, „Магла свуда“, „О једној младости“, а за македонската публика одлично ја изведе „Јано мори“.

Јосипа Лисац важи за уникатна појава на музичката сцена на овие простори и вели дека верува во љубов за цел живот, па токму поради тоа откако починал нејзиниот сакан Карло Метикош, кој всушност за неа ги има направено и најубавите песни, таа е сама.

– Најубав период од мојот живот беше оној кој го поминав покрај мојот Карло. Тој за мене ги напиша најубавите песни кои живеат и денес. Го направи антологискиот албум ” Дневник једне љубави” (1973) и е автор на хитовите ” Магла”. ” Данас сам луда”… Моментите со него никогаш нема да ги заборавам, тој беше и остана моја прва и последна љубов, изјавила пејачката која со музика почнала да се занимава уште од средношколските денови.

– Некаде во четврта година гимназија почнав да се интересирам за рок музиката и во 1967 година почнав да пеам во групата ” О’Хара” на која после и го променивме името во “Златни акорди”. Набрзо потоа добив прилика да настапам на најважниот фестивал на забавна музика во Опатија во 1968 година каде собрав повеќе награди со песната од Арсен Дедиќ. Имав прекрасен почеток на мојата кариера, додава Јосипа, која со концерти низ регионов слави 50 години кариера.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top