| четврток, 6 декември 2018 |

Екологистите бараат од Заев да прогласи мораториум за градба во охридскиот регион

Во дописот здруженијата укажуваат и на активности на терен кои, како што се наведува, веќе значат непочитување на препораката од УНЕСКО, како продолжување на изградбата на хотел во Лагадин, тампонирање, уништување на трската и поставување на бетонска основа во строго заштитениот крајбрежен појас

Еколошките граѓански здруженија упатија барање до премиерот Зоран Заев за прогласување мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион.

– Во 2017 година Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО побараа Македонија да воведе мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион. Препораката за прогласување на мораториум беше во групата на итни мерки, кои Владата требаше да ги спроведе до 01.02.2018. Сепак, токму оваа препорака беше целосно игнорирана од страна на Владата во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО. Владата на Република Македонија не само што ја испочитува оваа препорака, туку на својата 53-та седница одржана на 06.02.2018 усвои информации кои се однесуваат на активности во Охридскиот регион, а кои предвидуваат крајбрежни трансформации на Охридското езеро.

Алармирани од усвоените информации, еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“, Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест”, денес, побараа од Премиерот Заев итно воведување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион, се вели во соопштението.

Во дописот здруженијата укажуваат и на активности на терен кои, како што се наведува, веќе значат непочитување на препораката од УНЕСКО, како продолжување на изградбата на хотел во Лагадин, тампонирање, уништување на трската и поставување на бетонска основа во строго заштитениот крајбрежен појас.

– Бараме од Владата на Република Македонија во најбрз можен рок, не подоцна од 30 дена, да прогласи мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации на територијата на Светското природно и културно наследство –Охридскиот регион. Очекуваме Владата да ги напушти одамна застарените концепти за развој кои јасно покажаа дека завршуваат со деструкција токму на вредностите кои се основа за одржлив економски развој, односно недвосмислена определба за заштита на нашето најголемо национално природно богатство, во согласност со современите економски и еколошки стандарди, стои во дописот.

Здруженијата потсетуваат и на скорешниот извештај за напредокот на Македонија од Европската Комисија, во кој се бара централната власт да ги почитува обврските за заштита на природата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top