Единаесет млади лица истражуваат, помагаат и споделуваат искуства патувајќи околу светот. Една од земјите каде што застануваат е и Македонија.
Весела Моловска е менаџер во културата што веќе десет години живее и работи во странство. Во соработка со Центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“ од Скопје и World Life Experience од Португалија ја покрена иницијативата за еден ваков проект да се случи во Македонија.
World Life Experience од Португалија го лансираше проектот за пат околу светот во текот на една цела година на 11 млади ентузијасти кои сакаат да се вклучат во културо-социолошкиот развој низ различни земји и општества од светот. Овие 11 млади луѓе со различни профили и различно потекло, го започнаа своето патешествие во јануари 2018 година минувајќи низ Португалија, Шпанија, Англија, Холандија, Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка и Босна, а од 19-ти април до 30-ти април се во Македонија.
Нивното патување во секој град се состои од пет работни дена како волонтери во културни и социолошки активности, додека пак останатите пет дена им служат за разгледување и запознавање на околината, културата и општеството.
Споедлувајќи го своето искуство, традиција и култура и запознавајќи го нашето поднебје, овие 11 млади ќе го продолжат своето патешествие низ Тајланд, Виетнам, Камбоџа, Малезија, Индонезија, Јапан, Австралија, Јужна Америка, Мозамбик, Бразил, Уругвај, Аргентина, Чиле, Боливија и Перу каде ќе раскажуваат и за искуството доживеано во Македонија.
На 21, 22, 25 и 26 април овие 11 млади луѓе ќе бидат одговорни за некои од настаните што ќе се случуваат во „Јавна соба“.
На 21 април во сабота, 17 – 21 часот, на просторот на летната тераса на „Јавна Соба“ ќе се случува кулинарскиот ден во кој тие ќе приготвуваат традиционални јадења од својата земја на потекло (Бразил, Венецуела, Кабо Вреде, Португалија, Шпанија, Италија, Украина, Аргентина, Русија).
На 22 април, недела од 10 часот тие ќе започнат со подготовки на пролетната градина во „Јавна Соба“ за која ќе бидат одговорни да се претвори во расад од пролетни цвеќиња и прекрасни миризливи зачини што се употребуваат и во нивните кујни.
На 25 април во среда од 21 часот ќе бидат проектирани кратки филмови преку кои ќе ја прикажат современата филмска уметност на своите земји, а на 26 април во четврток ќе се случува разиграната ноќ во која ќе се забавуваме низ ритамот на звуците од world music сцената што ги идентификува нивните земји на потекло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.