| четврток, 6 декември 2018 |

Масовна евакуација во Берлин поради неексплодирана бомба од Втора светска војна

Во 9 часот утрово беа евакуирани зградите во радиус од 800 метри околу градилиштето каде беше најдена бомбата за време на ископувања.

Во оваа зона на Берлин се наоѓаат министерствата за економија и транспорт, една воена болница, амбасадите на Индонезија и Узбекистан и централната железничка станица во градот Berlin Hauptbahnhof.

Секоја година се откриваат илјадници неексплодирани бомби од периодот од 1939 до 1945 година. Се смета дека само на територијата на Берлин, град со 3 милиони жители, има уште 3.000 неексплодирани и уште неоткриени бомби од Втората светска војна.

Полицијата рече дека нема непосредна опасност од британската бомба тешка 500 килограми што беше најдена минатата среда на Хајделштрасе.

Се очекува деактивирањето на бомбата да се изведе околу пладне.

Железницата Deutsche Bahn и другите транспортни оператори предупредија дека ќе има големи пореметувања на јавниот транспорт.

Летовите од и кон аеродромот Тегел што се наоѓа на околу 7 километри од местото каде беше најдена бомбата, нема да бидат засегнати со евакуацијата и акцијата за демонтирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top