| четврток, 6 декември 2018 |

Ромпуј: Интеграцијата на ЕУ нема да биде завршена без Балканот

Претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, откако се сретна со косовската претседателка Атифете Јахјага, изјави дека процесот на европска интеграција нема да заврши без интеграција на Балканот. Тој наведе дека дијалогот Белград-Приштина дал значителни резултати и создал нова динамика во регионот, додавајќи дека двете страни треба да се фокусираат на примена на договорот од Брисел.

Јахјага посочи дека Приштина е подготвена да ги почне преговорите за Спогодбата за стабилизација и асоцијација и оти останува посветена на спроведување на потребните реформи за забрзување на процесот на интеграција во ЕУ.

– Учеството на косовските претставници во регионалните и меѓународните иницијативи треба да биде во рамноправен третман со сите други држави – истакна Јахјага.

Претходно, Ромпуј се сретна со косовскиот премиер Хашим Тачи при што побара имплементација на договорот од Брисел.

– Косово направи голем чекор кон ЕУ – изјави Ромпуј додавајќи оти сега е потребно да се обезбеди примена на договорот.

Ромпуј е предвидено да се сретне и со претседателот на косовскиот парламент Јакуп Красниќи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top