| четврток, 6 декември 2018 |

Спасовски: Нема закана од нов мигрантски бран

Безбедносните информации и анализи моментално укажуват дека не постојат закани од нов мигрантски бран на т.н. „балканска рута“. Сепак, каква и да е ситуацијата на терен и доколку мигрантската криза добие на интензитет Македонија е подготвена во секој момент соодветно да реагира, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Охрид каде учествува на Генералното собрание на шефовите на полициите од државите на ЈИЕ.

Одговарајќи на новинарско прашање за евентуално повторно активирање на мигрантската рута имајќи ги предвид актуелните случувања на Блискиот Исток и односите меѓу ЕУ и Турција, Спасовски потсети дека македонската полиција јужната граница ја контролира засилена со полициски сили на повеќе држави од регионот и од ЕУ.

– Во завршна фаза сме со склучување договор со „Фронтекс“ што исто така ќе помогне во заштита на границата, така што Македонија е подготвена за каков било развој на настаните. Засега нема најави, информации кои би требало да загрижуваат, рече тој.

Спасовски истакна дека Република Македонија, иако не е членка на ЕУ ги штити надворешните граници на Европа, а склучувањето договор со „Фронтекс“ ќе значи директна помош од Унијата во обезбедувањето на јужната граница од евентуален нов мигрантски бран. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top