| четврток, 6 декември 2018 |

Османи: Препораката од ЕК е признание за направеното во овој период

Чистата препорака од Европската комисија до Советот за започнување на преговори е валоризација за направеното во овој период, меѓутоа тоа што е најважно е дека Македонија е друга држава после помалку од една година.

Ова вечерва го истакна вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи во емисијата Топ Тема на телевизијата Телма.

– Денеска е ден на сите граѓани на Република Македонија, денеска е европски ден на Македонија. Самиот факт што денеска имаме тројца еврокомесари и шест премиери од регионот кажува дека Македонија станува позитивната приказна во регионот и во ЕУ, рече Османи.

Пред речиси само една година, уште нема година од 27 април, посочи, Македонија беше на работ на конфликт, на работ на бездна.

– И денеска тројца еврокомесари доаѓаат и ја вреднуваат државата како вратена на својата евроатлантска патека со вистинска реална перспектива за членство во ЕУ и НАТО, потенцира Османи.

Според него, ова е една значајна одредница, една значајна мотивација и охрабрување за продолжување понатаму.

– Кога ќе постигнете резултат ќе затворите едно поглавје, отворате ново и започнувате со уште посилна динамика. Мислам дека тоа дава резултати. Ова е заслуга на целото општество. Денеска треба да бидат задоволни сите граѓани независно од етничката и партиската припадност, додаде Османи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top