| четврток, 6 декември 2018 |

Скандал во Студеничани: Се мести тендер од 100.000 евра

Градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садики, кој доаѓа од ДПА правел обид да намести јавна набавка со тоа што поставувал непропорционални услови за исполнување на економска состојба, со цел ограничување на конкуренцијата на економските оператори со што ќе се елеминираат конкурентските компании кои сакаат да земат учество во оваа јавна набавка, пишува Лидер повикувајќи се на документи до кои стигнала редакцијата.

Распишаниот оглас се однесува на јавна набавка за изградба, реконструкција, санација и тековно – инвестиционо одржување на водоводна и канализациона мрежа со проценета вредност од 6.000.000,00 денари без ДДВ. Минимум критериуми за утврдување на економската и финансиската состојба на економскиот оператор што ќе учествува на овој јавен оглас мора да има минимален вкупен приход за последните три години од 150.000.000,00 денари, од кои минимален приход во една од последните три години 50.000.000,00 денари.

Лидер коментира дека не постоела пракса за проценета вредност на набавка од 6.000.000,00 денари да се бара вкупен приход од 150.000.000,00 денари. Со ова, тврди медиумот, уште еднаш се потврдува целта на укинувањето на Советот за јавните набавки, а тоа е неконтролираното дефинирање на непропорционални услови во огласите за доделување на договори за јавни набавки со цел фаворизирање или ограничување на конкуренција меѓу економските оператори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top