Уставна ревизија, справување со иредентизмот и прашањата поврзани со идентитетот, се предусловите за постигнување договор, порача лидерот на грчка опозициска партија Неа демократиа, Киријакос Мицотакис.
На денешната средба и прес-конференција со странските дописници во Грција, Мицотакис ги повтори неговите позиции и упати остри критики со грчката Влада дека нема единствена и заедничка позиција поради ставот на Панос Каменос, јавува МИА.
-Јавно ја имам поставено рамката за еден можен договор. Се однесува на уставна ревизија како неопходен предуслов за да постои каков било договор, справување со прашањата за иредентизмот и националниот идентитет, како неопходен услов за да постои договор и да започне интегративниот процес на Скопје во евро-атлантските институции. Ова е мојата позиција што е многу јасна- рече Мицотакис.
На прашањето дали во моментите додека шефовите на двете дипломатии разговараат во Охрид, Мицотакис се уште смета дека можеби решението треба да се остави за некој друг момент, тој рече дека неговата изјава за временскиот период се однесувала на целосно погрешниот начин со кој Владата во Грција управувала со прашањето во однос на грчкото јавно мислење.
-Сите оние што од почеток не се согласуваа со какво било решение, владата ги карактеризираше како националисти и не зема предвид дека во овој момент, во овие околности, прашањето е од особено големо значење за грчкото јавно мислење. Владата ова го игнорираше, покажа дека воопшто не ја интересира тоа, што резултираше со тоа, наместо да создаваме една обединета позиција, владата во основа да води тајна дипломатија, отпосле да ги информира политичките партиите и да имаме едно општество што денес е исклучително непријателско кон решавање на прашањето- објасни Мицотакис.
Тој не е убеден дека кај двете влади велат дека постои волја и можност за решение, изразувајќи сомнеж дека тоа важи за грчката страна.
-Прво, ги споменавте двете влади. Се сомневам дека ова што го велите важи и за грчката Влада, бидејќи коалицискиот партнер, комплетно не се согласува со какво било решение. Господинот Ципрас, денес не преговара како шеф на парламентарното мнозинство во Парламентот, туку како лидер на СИРИЗА. Типично е шеф на Владата, но коалицискиот партнер на кој што се базира за да има мнозинство во Парламентот, има целосно различна позиција за ова прашање – рече Мицотакис.
Одговарајќи на новинарско прашање, во однос на тоа дали доколку се постигне решение, а подоцна Неа демократиа би го поништила договорот, Мицотакис изјави дека меѓународните договори ја обврзуваат земјата, па затоа доколку треба пратениците да одлучуваат за договор што нема да ги исполнува поставените предуслови од неговата партија, тогаш неговата партија ќе го изрази несогласувањето во грчкиот Парламент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.