| четврток, 6 декември 2018 |

После галопирачкиот раст на економијата претходните години, Македонија лани немала никаков раст

 

После галопирачкиот раст на македонската економија во изминатите години, земјава е единствена во регионов која во 2017-та година не забележала никаков раст. Македонија покрај тоа што бележи стагнација на економскиот раст, заедно со Србија е главна причина за намалување на регионалниот БДП од 3,1 процент во 2016-та на 2,4 проценти за минатата година, стои во регионалниот извештај на Светска банка за Западен Балкан.

Директорот на Светската банка во Република Македонија, Марко Мантованели при презентацијата на извештајот за Редовниот економски извештај за Западен Балкан кажа дека тие забележале како влијанието на политичката криза било продлабочено и траело подолго од она што претходно се очекувало.

-Ова доведе до нула раст во 2017-та година, значи целосно застанување на економскиот раст во 2017 година- изјави Мантованели.

Мантованели сепак кажа и дека економијата во 2018-та веќе почнала да закрепнува. Тој напомена дека инвестициите како јавни така и приватни ги немало, дека фискалниот дефицит останал непроменет.

Економистот од Светската банка за Македонија, Бојан Шимбов кажа дека во 2017 бил забележан значителен пад на преработувачката индустрија и градежништвото, за кои што кажа дека биле два главни двигатели на економијата во минатите години, што посебно се однесува на првите три квартали, каде што како што тој вели е забележан евидентен пад во тие сектори. Како што кажа Шимбов состојбата во четвртиот квартал, како и на стартот на годинава биле подобра.

-Имаме се уште пад на активностите во градежништвото, тие пред се се движени од привремено пролонгирање на некои проекти во јавните инвестиции, што се резултат на заложбата на Владата да се ревидираат овие проекти од аспект на квалитетот на истите, изјави Шимбов.

Тој напомена дека бројот на креирани работни места во регионот, чиј број е околу 190.000 ново креирани работни места во регионот, а кажа дека Македонија е позитивен контрибутор во овој дел, со отворени 17-18 илјади работни места, тој кажа дека поголемиот број се во првиот дел од 2017 година.

-Значаен дел од овие нови работни места беа креирани од проектот „Македонија вработува“- изјави Шимбов.

Според Светска банка, интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ може да ги забрза структурните реформи и да ја зголеми довербата на инвеститорите, а забрзаниот раст ќе помогне во фискалната консолидација. Препорачуваат континуирани заложби на фискална консолидација, воведување даночни реформи, подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите особено во земјоделството, обезбедување одржливост на пензискиот систем, подобрување на управувањето со јавни финансии и јавните инвестиции.

Меѓу препораките се и одржување на реформскиот моментум за зајакнување на продуктивноста и перспективите за раст.

Според Светска банка, еден од предизвиците за регионот, како и за Македонија, е иселувањето на високообразовани кадри. Податоците со кои располагаат покажуваат дека најголемо иселување има од Косово и БиХ, каде што 50 проценти од популацијата емигрирало, додека податоците за Македонија покажуваат дека 25 проценти од популацијата е иселена. Покрај високообразованите, се наведува дека имаме и на нискообразовани што, според Светска банка, упатува на сезонско иселување.

Според регионалната директорка во Светска банка за земјите од Западен Балкан Линда Ван Гелдер, растот во регионот е ранлив од домашни и надворешни шокови и дека поробусниот раст што го прогнозираат за следните години е условен од вистинска комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и за поддршка на растот.

Таа порача дека земјите од Западен Балкан мора да достигнат раст на ниво од пет проценти за да можат за 20 години граѓаните да го имаат просекот на граѓаните од Западна Европа.

– Доколку останат на сегашното ниво, ќе им требаат шест децении. Трендот што го гледаме во регионот е позитивен, сè повеќе луѓе наоѓаат работа, а платите полека се зголемуваат. Меѓутоа, растот е ранлив од домашни и надворешни шокови, што се потврди со забавување на растот во 2017 година. Поробусниот раст што го прогнозираме за следните години е условен од вистинската комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и поддршка на растот- вели Ван Гелдер.

Според неа, студената зима доведе до поголем увоз на енергија, големите инфраструктурни проекти бараат повеќе опрема од странство па поради тоа увезени се повеќе стоки за да се задоволи поголемата потрошувачка. Ова резултирало со одредено намалување на проценката за растот во 2017 година во споредба со 2016.

Ван Гелдер тврди дека растот на БДП од помеѓу 3 и 4,4 отсто во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора е анулиран поради немањето раст во Македонија и малиот раст кој е забележан во Србија, која претставува најголема економија во регионот.

Во Извештајот на Светска банка за Западен Балкан, растот на БДП е намален од 3,1 процент во 2016 на 2,4 проценти во 2017 како резултат на острата зима и на помалите инвестиции.

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top