| четврток, 6 декември 2018 |

Кирацовски сведочеше: Нѐ спасија Господ и телохранителите на Заев и Спасовски

По Талат Џафери и Дамјан Манчевски пред Кривичниот суд за обидот за убиство на Села во Собранието денеска сведочеше и пратеникот Александар Кирацовски.

-Во прес-салата влегов пред 19 цасот. Кога стигна најавата од новинарите дека дел од толпата упаднала во Собранието, заедно со неколкумина стоевме на вратата во обид да ги запреме. Кога влегоа, се упатив во ќошот каде што беа сите пратеници. Веднаш по нивното влегување се случи првичен хаос, односно удари, пцовки, закани кон сите нас. Толпата наликуваше на бесна орда која буквално имаше за цел да убие некој и во тоа немам дилема – рече Кирацовски кој додаде дека ги спасила само присебноста, обезбедувањето на Оливер Спасовски и на Зоран Заев и Господ.

Тој рече дека му е жал што семејствата на обвинетите го слушаат ова, но посочи дека тоа е вистината.

Пратеникот додаде дека нападите биле постојани, со раце и нозе но и со секакви предмети кои биле во салата.

-Не маваа со копје од знаме, сталаци од компјутери, а Горан Мисовски беше ловен со кабли од микрофоните. Села беше удрен со тврд предмет и беше видно повреден. Тој се држеше за главата и во еден момент клечеше позади мене, рече пратеникот.

Тој додаде дека не може да каже точно кој го удрил Села, но можел да каже кој удирал кон сите пратеници.

Сведокот додаде дека имало сериозни закани за убиство упатени кон Села, а и дел од напаѓачите главно биле насочени кон Села.

-Главната цел беа Зоран Заев и Зијадин Села – истакна Кирацовски.

Пред Села според Кирацовски стоел обвинетиот Александар Јаневски Тошта, Стојан Павлески, Кире Георгиевски и Сашо Сенков.

-За Тошта не можам да потврдам дека удирал или тепал, но сум сигурен дека тој го извлече Села од групата пратеници. Павлески постојано дофрлаше и викаше по нас. Обвинетиот Кире повеќе насочен со удари и пцовки спрема нас останатите и кон Заев. Кога видов дека Тошта го одвлекува Села, со него беше и ми се чини обвинетиот Сенков и Павлески – реце Кирацовски.

Тој рече дека откако Села бил одвлечен повеќе не го видел. Тој појасни дека Села бил извлечен насилно, а бил тегнат и за коса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top