| четврток, 6 декември 2018 |

Второ издание на „Но-уи“ и четврто на „Резервен живот“ на романите на Лидија Димковска

Денеска од печат излегоа второто издание на романот „НО-УИ“, како и четвртото издание на романот „Резервен живот“ на наградуваната македонска авторка Лидија Димковска, во издание на „Или-или“, соопштија од издавачката куќа.

„Резервен живот“, добитникот на Европската награда за литература и наградата „Стале Попов“ на ДПМ, досега беше објавен на англиски, словенечки, српски, хрватски, унгарски, бугарски, чешки и италијански, а оваа година ќе излезе и на арапски, украински и летонски. Во октомври 2016 год. беше претставен на промоции и читања на книжевна турнеја во десет американски градови и беше номиниран за наградата „Најдобра книга во превод 2017“.

„Но-уи“ во моментов се преведува на неколку европски јазици, а на Саемот на книгата во Лајпциг годинава, на покана на ТРАДУКИ, романот беше претставен со извадок на германски јазик и разговор со авторката.

Лидија Димковска (1971, Скопје) завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија. Преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.

Досега објавила шест поетски збирки и два романа. За својата поезија ги има добиено германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“ и европската награда за поезија „Петру Крду. Била номинирана и за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“. За двата свои романа двапати ја добила наградата „Стале Попов“ на ДПМ, како и Наградата за книжевност на Европската унија.

Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на антологијата на современата словенечка поезија и на антологијата на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top