| четврток, 6 декември 2018 |

„Карневал“, нов превод на роман на Рави Хаж на македонски јазик

Вчера од печат излезе преводот на романот „Карневал“ на наградуваниот канадски автор Рави Хаж. Ова е 159. издание во прозната едиција „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“, за чиј превод од англиски се погрижи Ацо Пероски, а излегувањето на книгата е помогнато од Канадскиот совет за уметности. Инаку, ова е вкупно трета книга од истиот автор, по преводите на романите „Лебарка“ и „Играта на де Ниро“. По тој повод, во книжарницата „Или-или“ во тек е промотивна продажба на овие изданија по намалени цени, соопштија од издавачката куќа.

Рави Хаж

Канадскиот писател Рави Хаж е дете на светот. Роден е во Бејрут, а растел во Либан и во Кипар. Во 1984 година се преселува во Њујорк. Конечно, во 1991 година го пронаоѓа својот дом во Монтреал, Канада, каде живее и твори и денес. По таксирањето и експериментирањето со фотографијата, тој конечно се скрасува во книжевноста, покажувајќи дека неговиот несомнен талент долго време чекал да биде откриен. Неговите два романа, „Играта на Де Ниро“  (2006) и „Лебарка“ (2008), и обете во издание на „Или-или“ за кратко време постигнаа интернационален успех, ставајќи го Хаж на врвот на листите на омилени писатели кај многу угледни европски и американски интелектуалци. Во 2012 година писателот ја заокружува неформалната трилогија токму со романот „Карневал“.

Наградуваниот либанско-канадски писател Рави Хаж во својот најнов роман „Карневал“ се навраќа кон главната тема на своето творештво: животот на емигрантите и нивната неприпадност во „новиот свет“. Тој создава калеидоскоп од приказни кои се прелеваат една во друга, без амбиција да се изгради кохерентна целина, но токму спокојното и ненаметливо раскажување е главното „оружје“ на авторот и основата врз која се гради оригиналноста на овој исклучителен роман.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top