| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров на Твитер: Преговорите за името во деликатна фаза, шпекулациите се штетни

По демантот на грчкото МНР дека македонската страна се согласила на промени на Уставот, и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров се огласи на Твитер, велејќи дека преговорите за името се во деликатна фаза и оти шпекулациите се штетни.

– Процесот за спорот за името е во деликатна фаза и шпекулациите од одредени медиуми се штетни. Јас стојам на моето јавно соопштение и ја информирам јавноста дека не сум дал дополнителни неформални изјави, објави Димитров вечерва на Твитер.

Кусо по завршувањето на средбата во Виена и изјавите на Метју Нимиц, Никола Димитров и Никос Коѕијас, грчкото МНР излезе со соопштение во кое демантираше информација објавена во одредени грчки медиуми дека македонската страна наводно била подготвена да направи уставни промени.

– Никаков дипломатски или друг грчки извор не рече дека скопската страна изјави дека е на располагање да направи одредени промени во Уставот на земјата. Конкретното споменување е намерна провокација од страна на секој медиум што ја пренесе конкретната информација, пишува во соопштението од грчкото МНР.

Претходно по завршувањето на денешната средба во Виена со медијаторот Метју Нимиц и грчкиот колега Никос Коѕијас, Димитров истакна дека има условен напредок во преговорите, бидејќи, како што рече, како одиме напред  доаѓаме до потешките прашања.

– И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина“, изјави шефот на македонската дипломатија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top