| четврток, 6 декември 2018 |

Крик на скопјани: И саем е Скопје! Не уривајте му ја историјата на градот!

Група граѓани преку отворено писмо до власта бара да се спречи уривањето на саемските сали. Во писмото тие посочуваат дека овој објект е дел смел проект на постземјотресно Скопје во кое домашните творци и архитекти создадоа вредни обрасци, не само за домашната, туку и за светската архитектонска продукција и дел од идентитетската рамка во која делува архитектурата како дел од културата, се вели во писмото

Преку отворено писмо група граѓани од Скопје “И саем е Скопје” бара да се запре уривањето на Скопскиот саем и да не се дозволи да се изградат трговски центар и станбени згради.

„Ние, граѓаните на овој град, од сите професии и возраст, претставници на архитектонската фела, членови на семејствата на проектантите на саемскиот комплекс, пријатели на Скопје, поддржани од низа организации и компании. Сите обединети во крикот да се сочуваат саемските хали како еден од стожерните бранители на идентитетот на постземјотресно Скопје. Нашиот Саем како непобитен дел од историјата на македонската архитектура и македонското стопанство“, се обраќаат со отворено писмо адресирано до Зоран Заев, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски и Арсим Папранику новиот сопственик на земјиштето.

Во него посочуваат дека тие како архитектите, градители по вокација, веќе половина година во затворени кругови дебатираат, емотивно се поддржуваат и се обидуваат да создадат стратегија како да го заштитат единствениот саемски комплекс во земјава, кој, како што наведуваат, ги одбројува последните денови на живот, односно како да го спречат натамошното исчезнување на примерите на расната архитектонска практика на постземјотресно Скопје.

„Овој објект е дел од тој смел проект на постземјотресно Скопје во кое домашните творци и архитекти ги прифатија сите современи текови во архитектурата и создадоа вредни обрасци, не само за домашната, туку и за светската архитектонска продукција. Тој е дел од таа значајна архитектонска целина во градот и дел од идентитетската рамка во која делува архитектурата како дел од културата“, истакнуваат во писмото.

Скопски саем е изграден во 1972 година, како дело на четворица врвни домашни архитекти Димитар Димитров, Живко Гелевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ, Скопскиот саем е распослан на 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 се затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во оригинална целина, во духот на периодот на кој што припаѓа, Модерната.

Почетоците на функционирањето на Скопскиот саем, како што стои во писмото, се поврзани со многу значаен настан за историјата и културата на Скопје, а тоа е одржувањето на Светската шаховска олимпијата, манифестација од највисоко светско ниво, прва (а и последна) од тој вид организирана во нашиот град.
Подоцна, додаваат, Скопски саем беше дом на исклучителни фестивали и бројни саемски манифестации.

Според најавите халите на Скопски саем треба да се уриваат за неколку месеци и да почне изградбата на новите содржини. Нов сопственик на Скопскиот саем за организирање манифестации е бугарската Кардфинанс, а друга фирма е сопственик на земјиштето кое е продадено од страна на банките каде што бил оставен како гаранција.
Поради промените на старата локација не се одржуваат саемски манифестации од лани есента. Скопски саем е приватизиран во 2001 година кога сопственик стана Ера груп од Словенија, а од 28 јули 2017 година е во сопственост на Кардфинанце од Софија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top