| четврток, 6 декември 2018 |

МВР повторно штити насилник: Нападот врз службено лице квалификуван како физичка пресметка (фото)

Фотографија од претепаната цариничка М.С. Фото: Republika.mk

По втор пат МВР се обидува да изврти случај со претепување на жена на нејзиното работно место. Официјалната приказна на полицијата за цариничката од Делчево, која вчера беше претепана на нејзиното работно место од криминалец со богато досие и конекции со власта  е дека таа всушност учествувала во физичка пресметка.

На 28.03.2018 година околу 18.00 час било пријавено дека во угостителски објект лоциран на царинскиот терминал на Граничен премин Делчево дошло до вербална расправија помеѓу Д.Г.(56) од с. Звегор, Делчево и С.М.(48), царинарник на терминалот на Царинската испостава -Делчево која прераснала во физичка пресметка. Се работи на целосно расчистување на случајот. – велат од МВР за случајот.

Во ова соопштение од МВР не откриваат дека се работи за жена, а за нокаутираната цариничка велат дека учествувала во физичка пресметка иако се работи за напад врз службено лице, кое било на своето работно место, затоа што угостителскиот објект за кои говорат од МВР всушност е во склоп на терминалот на царинската управа.

На фотографиите од цариничката до кои стигна Република, може јасно да се види дека се работи за тешки телесни повреди. Република уште вчера објави дека МВР се обидува да го заташка случајот за кој ние дознавме од очевидци.

Република вчера објави дека лицето со иницијали Д.Г. со мотокрос влеголo на царинскиот терминал на граничниот премин и во бифето без никаква причина ја нокаутирало цариничката со иницијали М.С., која била на нејзиното работно место во униформа.

Како што дознаваме од очевидци на настанот, Д.Г. почнал да ја навредува цариничката која во тој момент била на својата 12-часовна смена и ручала во бифето.

Тој ја прашал како смее да руча и физички ја нападнал со тупаници и ѝ нанел тешки телесни повреди, по што М.С. паднала во несвест. По настананот Д.Г. побегнал со својот мотор. Била повикана и полиција, дошол и инспектор, но, како што дознаваме, по насилникот не се трагаше ниту вчера, ниту денес.

Д.Г. ` е добро познат на јавноста и полицијата во Делчево, важи за лице со богато криминално досие и блиски конекции со власта.

Покрај тоа што е извршен напад врз службено лице кое е на должност и се здобило со тешки телесни повреди, сега од МВР тврдат дека се работи за физичка пресметка во која учествувала и цариничката. Очевидците тоа го негираат. Случајот го истражува и царинската управа.

 Секторот за професионална одговорност при Царинска управа во рамки на своите надлежности го испитува случајот. Во врска со ова, Царинската управа ќе излезе со официјален став по завршувањето на истрагата и по добивање на сите потребни податоци. – велат од Царинската управа.

Синоќа го побаравме и јавниот обвинител од Делчево, Бранко Тричковски, кој не извести дека е запознаен за случајот, но нема обвинение затоа што полицијата не ја завршила истрагата, за која ние имаме информации дека намерно се одолговлекува за да се заштити сторителот. Тричковски за дополнителни информации ни даде контакт од инспекторот Валери Тасевски, кој го води случајот.

Тасевски одговори на нашиот телефонски повик, но откако го известивме зошто го бараме го прекина разговорот со зборовите „Јас не сум портпарол“.

МВР слично постапи и со полицајката Јасмина која беше нападната од функционерот Бекир Асани, за овој случај од МВР рекоа дека таа самата се удрила во пајакот со кој требало да му се крене возилото на Асани.

Љ.З.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top