| четврток, 6 декември 2018 |

Савески до власта: Одбивте да ја укинете максималната основица за плаќање придонеси, иако тоа го ветивте!

Активистот на Левица, Здравко Савески преку социјалните мрежи упати критика до, како што тој ги нарекува – фалбаџиите за просечната плата.

-До фалбаџиите дека просечната плата била 24.000 денари. Зошто не им кажете на луѓето дека просечната плата не е плата што ја примаат половина од граѓаните, туку просек од сите плати? И дека средната плата е значително пониска од 24.000 денари. И дека цели 27 години Заводот за статистика одбива да објави средна плата за да не предизвика револт кај граѓаните – пишува Савески
Тој прашува зошто власта на граѓаните не им се разјасни дека просечната плата може да расте и во случај само кога растат платите на функционерите.

-Зошто не им кажете дека просечната плата може да расте и во случајот кога растат само највисоките плати? Ако платата на батето што зема 204.000 евра месечно (!) порасне на 250.000 евра, тогаш тоа ќе ја зголеми просечната плата без воопшто да се промени животниот стандард на граѓаните. И, пазете, во ваков случај средната плата ќе остане иста. Затоа, за да се добие поцелосна слика дали навистина се подобрува животниот стандард на граѓаните, многу е важно да се објавува и средната плата! – стои во статусот на активистот на Левица

Тој ја критикува и одлуката за укинување на максималната основица за плаќање придонеси, додавајќи дека тоа беше едно од ветувањата.

-Одбивте да ја укинете максималната основица за плаќање придонеси. Иако тоа го ветивте. Па ултрабогатите уште се привилегирани во однос на сите нас. Ако постапевте како што ветивте, ќе дојдеше до повеќе буџетски средства, но и до намалување на просечната нето плата. Дали сега ние треба да земеме да славиме што буџетот е оштетен на сметка на прикажувањето повисок износ на просечната плата? – напиша Здравко Савески на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top