| четврток, 6 декември 2018 |

Светски скандал „Кембриџ аналитика“: Никола Спасов поврзан во мрежата преку три фирми

Никола Спасов од „Рејтинг“ и Александер Никс од „Кембриџ Аналитика“

Преку три компании е поврзан Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“ во шемата за крадење и политичка злоупотреба на податоци од Фејсбук на контроверзната британска агенција „Кембриџ аналитика“, покажува истражувањето на новинарката Венди Сигелман за платформата Медиум.

„СЦЛ Балканс – Македонија“, „Рејтинг центар тим“ и „Макијавели стратеџис“ се имињата на компаниите кои се вмешани во мрежата на „Кембриџ аналитика“, која во моментов е под истрага на британските власти и се сомничи за крадење лични податоци од над 50 милиони корисници на Фејсбук за политички цели – што беше потврдено и од директорот и сопственик на Фејсбук, Марк Цукенберг.

Освен Спасов, од Македонија во скандалот се вмешани и сегашниот министер без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми и извесен Владо Андоновски.

Министер во владата на Заев вмешан во светскиот скандал „Кембриџ аналитика“?!

По објавата на „Република“, во емисијата „Код“ на Телевизија Телма, Адеми ги демантираше тврдењата на британските новинари велејќи дека компанијата „Макијавели стратеџис“ никогаш не профункционирала, но тој ја основал заедно со Никола Спасов и Мич Кејтс.

– Факт е дека јас, Спасов и уште двајца други имавме идеја и амбиција да направиме консултантска куќа и да работиме, но поради сите други обврски, идејата никогаш не заживеа, рече Адеми за „Код“.

Спасов, пак, изјави дека од идејата, која според неговите тврдења, исто така, не профункционирала, заврпила само со сајт за фирмата. Но, веднаш по обелоденувањето на скандалот, веб-страницата machiavellistrategies.com е избришана. Избришана е и страницата на втората фирма на Спасов.

Истражувањето на „Република“, пак, покажува дека освен овие компании, Спасов регистрирал уште една друга фирма, која пак се води како здружение.

Во оваа фирма партнери на Спасов се неговиот татко Ѓорги Спасов, извесен Мартин Николиќ, Ризван Сулејмани како и Кире Наумов од СДСМ. Наумов своевремено беше и директор на Агенцијата за Разузнавање, која е една од институциите ве безбедносниот сектор која е во можност да прибира податоци како за оние за кои се сомничи „Кембриџ Аналитика“. Во време на преодната власт, Наумов беше заменик министер за финансии.

Ризван Сулејмани  е македонски политичар, поранешен пратеник на ПДП, заменик-министер за одбрана и министер за локална самоуправа во Владата на СДСМ и на ДУИ и директор на Институтот за политички и мултикултурни студии.

Дали истата група која според британските новинари соработувала со „Кембриџ аналитика“ во крадењето на лични податоци на 50 милиони користници на Фејсбук оперирала и во Македонија и дали и тука се направени слични злоупотреби, истрагата допрва ќе покаже.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top