| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорги Петков ќе го освојува „покривот“ на светот: Ќе го остварам мојот сон – ќе го развиорам македонското знаме на Монт Еверест!

Долгогодишен член на Планинарското друштво „Кожуф”, доктор Петков, лекар во Општата болница во Гевгелија во изминатите десетина години се има искачено на сите највисоки врвови, на речиси сите континенти.
Секој е предодреден за големи работи, но само малкумина се одважуваат своите соништа да им ги кажат на другите, а уште помалку се подготвени и да ги остварат. Еден од таквите е докторот инфектолог, примариус Ѓорги Петков од Гевгелија. Тој ќе се обиде својот сон да го претвори во реалност, и да биде петтиот Македонец, после Димитар Илиевски-Мурато, доктор Сашко Кедев , Здравко Дејановиќ и Илина Арсова, кој ќе застане на “покривот на светот”, на “големиот”, Монт Еверест, висок 8.848 метри, ултимативен предизвик на секој алпинист во светот..

Долгогодишен член на Планинарското друштво “Кожуф”, доктор Петков, лекар во Општата болница во Гевгелија во изминатите десетина години се има искачено на сите највисоки врвови, на речиси сите континенти. Неговите алпинистички потфати почнуваат 2006 година , кога тој , како член на македонската експедиција се искачува на највисокиот врв во Европа, Елбрус, висок 5.642 метри. Потоа, следуваат Килиманџаро, највисокиот врв во Африка,висок 5.895 метри, Аконгаква, највисокиот врв во Јужна Америка, висок 6.962 метри, Арарат, со височина од 5.174 метри, и МекКинли на Алјаска, висок 6.183 метри. Највисоката височина до која се искачил до сега доктор Петков е врвот Ленин Пик, во Киргистан, висок 7.200 метри, додека најблиску до Монт Еверест се нашол кога, како член на Балканска експедиција се искачува на врвот Исланд Пеак, на Хималаите, врв висок 6.198 метри, од каде што се гледа, со сета своја величина и убавина, Монт Еверест. Тука првпат, како што вели Петков за весникот „Вечер” ја користел екстремната урбанистичка опрема и токму на овој врв му се раѓа сонот, еден ден и тој да застане на “покривот на светот”.

На 24 март 2018 година почнува остварувањето на долгогодишниот сон на докторот од Гевгелија. Заедно со уште шестмина алпинисти, под водство на Тим Моусдејл, од Катманду во Непал, започнува експедицијата “Еверест 2018” и освојувањето на Монт Еверест од неговата јужна страна. Со над 50 експедиции , од кои седум на Монт Еверест, а шеснаесет на Аба Даблам, врв на Хималаите висок 6.812 Англичанецот Тим Моусдејл е еден од најискусните водачи на експедиции во светот. Тим се има искачено на Еверест 6 пати, од неговите две страни, северната и јужната, а во 2013 година направил вистински подвиг, искачувајќи се два пати на “покривот на светот”.

Експедицијата е предвидено да трае од крајот на март до почетокот на јуни 2018 година, додека самото освојување на Еверест се предвидува да трае 3-4 денови, кога алпинистите ќе се обидат да го искористат временскиот “прозорец” односна да ги дочекаат деновите на идеално време, а дали тоа ќе биде на почетокот или на крајот на мај ќе зависи од временските услови. Базниот логор е предвидено да се постави на височина од 5300 метри, каде што всушност ќе се одвиваат сите висински подготовки и аклиматизацијата на алпинистите на разредениот воздух, додека четирите висински логори се предвидени да се постават на 6.100, 6.800, 7.600 и 8.300 метри, од каде што фактички ќе започне освојувањето на Монт Еверест.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top