| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија европски рекордер по бегства од затворите

Советот на Европа денеска го објави Извештајот за состојбата во затворите во нејзините земји членки за 2016 година, во кој се наведува дека Македонија бележи највисока стапка по број на бегства од затворите.

Според податокот од затворските статистики на Советот на Европа (СоЕ) за Македонија со 66 бегства на 3.400 затвореници, стапката на бегства во 2015-та (последна година за која Советот на Европа располага со податоци), е највисока и изнесува 188,7 на 10.000 затврореници. Со тоа Македонија е на прво место во Европа по стапката на бегства од затвор.

Втора земја во табелата е Финска, но со далеку пониска бројка од 10 бегства на 3.000 затвореници. Mакедонија бележела загрижувачка стапка на бегства и претходната година (2014) со 114 бегства на 3.100 затвореници, јавува дописничата на МИА од Брисел.

Авторот на студијата, Марсело Аеби, професор по криминологија на Универзитет во Лозана (Швајцарија), за МИА изјави дека не ја знае точната причина за оваа состојба, но дека еден елемент од одговорот „можеби треба да се побара во малиот број затворски чувари.“

Македонија, според извештајот, е меѓу државите со највисока стапка на затвореници по чувар (стапка од 6,2), само Романија и Молдавија имаат повисока стапка.

– Во споредба со другите европски држави имате помалку персонал во затворите, но, исто така, и помалку инвестирате во затворениците со 13 евра за затвореник од ден, вели Аеби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top