Издавачката куќа „Или-или“ ја објави книгата „Улиците што ги нема“, нова збирка раскази од македонската писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска. По минатогодишната збирка „(Со)шиени раскази“, која наиде на одличен прием кај читателите, годинава авторката книжевно ги обликува „улиците што ги нема“ низ вкупно 33 приказни кои создаваат една поинаква мапа на нашиот град. Виетнамска, Железничка, Ленинова, Мексичка, Мито Хаџивасилев-Јасмин, Булевар ЈНА, Булевар АВНОЈ… се само дел од книжевното богатство кое извира од овие мали, но големи стории за нештата кои денес се тука, меѓу нас, а утре можеби не. Книгата е во издание на „Или-или“, а нејзиното издавање финансиски е помогнато од Град Скопје.
– Во расказите од оваа мудро замислена и мајсторски реализирана книга на Оливера Ќорвезироска луѓето живеат во улиците чиишто некогашни имиња ги одвеал наумничавиот ветар на историјата. Градот во кој тие улици некогаш постоеле е Скопје, бездруго е Скопје, и улиците бездруго некогаш ги носеле имињата што ги спомнува Ќорвезироска. Се’ е конкретно, мошне проверливо и цврсто вкотвено во реалноста. Но овие раскази никако не би смееле да ги разбереме само како сентиментален ламент по некогашните белези на градот. Ќорвезироска успева, на еден извонредно деликатен и ненаметлив начин, да ни сугерира дека судбините на тие луѓе кои живееле во „улиците што ги нема“ се по некој невидлив, но сепак, неумоливо насочен пат поврзани со исчезнувањето на некогашните називи. Секој од овие извонредно заокружени раскази, а и сите заедно, како целина, ни кажуваат дека промашеноста, напразноста и ефемерноста на тие животи е во некаква тајна, длабока врска со непостојаноста и минливоста на имињата што ја означувале нивната адреса и некогаш претставувале цврст репер на нивното постоење – вели Влада Урошевиќ во рецензијата по повод излегувањето на книгата.
Оливера Ќорвезироска (1965) е македонска писателка и критичарка. Основно и средно образование завршила во родниот град Куманово, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.
Ќорвезироска е авторка е на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница заедно со Глигор Костовски-Гишо), „Отвораат ли сништата работа“ и „Еден Текст и една жена“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ (роман за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „Новелички без шеќер“ и „(Со)шиени раскази“ (раскази за возрасни).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст