На 18- ти март Русите ќе избираат меѓу осум претседателски кандидати. Актуелниот лидер Владимир Путин, кој се кандидира по четврти пат, води во речиси сите анкети. Кремљ цели кон победа од над 70%, којашто може да биде загрозена од ниската излезност. Годинава во претседателската трка учествува и жена кандидат. Новинарката Ксенија Собчак верува дека постоело руско мешање во изборите во САД, и ги поддржува западните санкции за припојувањето на Крим.
Претседателот Владимир Путин ги повика своите сограѓани да гласаат на изборите в недела на кои има седуммина конкуренти. 65- годишниот лидер очекува нов мандат со кој ќе заокружи речиси четвртина век владеење. Мнозинството Руси најавува поддршка најмногу поради решителниот став против западните влади. Најголемата опасност за неговиот триумф доаѓа од можната ниска излезност, актуелна во последните години.
„Ние во Русија отсекогаш сме решавале за својата судбина и сме се однесувале како што ни велела совеста, нашето толкување на вистината и правдата, и љубовта кон татковината. Ова е дел од националниот карактер, којшто му е познат на целиот свет. Сигурен сум дека секој од нас размислува за иднината дома. Ве повикувам да излезете да гласате и да го искористите правото да ја изберете иднината за големата и сакана Русија“, изјави претседателот Путин.
Во екот на изборната кампања, Москва ги влоши односите со Велика Британија по труењето на поранешниот руски шпион Скрипал на британска територија. Реториката со Вашингтон дополнително се заостри поради новите санкции за руски поединци и фирми поврзани со наводното руското влијание при претседателските избори во САД во 2016 година. Официјална Москва одговори со најавеното протерување на британски дипломати, но и дека е запозната со можниот кибернетички напад на Западот за време на изборите в недела. Одговор пристигна од Белата Куќа.
„Ние сме на страната на нашиот најголем сојузник Обединетото Кралство. И ние веруваме дека Русија е одговорна за нападот со нервен агенс врз британски граѓанин и неговата ќерка. Москва ќе мора да реши дали сака да бидат добар актер или лош актер. Може да се види од досегашните наши активности дека ќе бидеме остри против Русија додека не реши да го смени своето однесување“, рече Сара Сандерс, портпарол на Белата куќа.
Кремљ негира вмешаност во аферата со нервниот гас Новичок, по што најави контрамерки за новите санкции на Вашингтон.
извор: МРТ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.