| четврток, 6 декември 2018 |

Апасиев: Само со мртов претседател законот може да влезе во сила

Законот за јазиците е мртво новороденче, а без потпис на претседателот Ѓорге Иванов не може да влезе во сила бидејќи собранискиот спикер Талат Џафери може да го потпише само доколку имаме мртов претседател, тврди докторот по правни науки и професор, Димитар Апасиев за Макфакс.

Против одлуката на претседателот Иванов не постои правен лек, вели тој.

„Џебното вето значи дека законот за јазиците е мртво новороденче, не може да влезе во сила бидејќи не може да се објави во ‘Службен весник’. Ако нема указ, тогаш нема ни закон. Ова е уставна празнина во нашиот систем што досега е користена во два наврата. Оттука, има уставен обичај и прецедентно право и третпат да се искористи. Доносителите на законот го знаеја тоа и упорно и силеџиски, преку прекршување на сите одредби кои се однесуваат на нормално, односно деловничко носење закон, го донесоа на мускули. Сега се наоѓаме во позиција законот да не може да влезе во сила, без потпис на претседателот“, објаснува професорот Апасиев.

Анализата на Апасиев покажала дека од 25 члена, кои ги има во законот, прекршување има во 17-18 уставни елементи, што, според него, покажува дека законот е пишуван од прилично слаби правници кои ги измешале термините што не може да се мешаат во закон. Освен материјата, по гласањето, спорно е и тоа што не се расправаше по амандманите и, како што вели Апасиев, донесен е на силеџиски начин.

„Како пример, според нашиот Устав не можете да регулирате судска постапка со закон што ќе биде донесен со помалку од 80 пратеници плус еден. Не можете без двотретинско мнозинство да регулирате судска постапка. Во овој случај се регулираат судски постапки со 64 гласа. Тоа е невозможно право и е противуставно“, вели Апасиев.

Законот донесе зголемување на национализмот, враќање на ДУИ на политичката сцена, иако беше против изумирање по последните избори, и тој нема врска со правата на малцинските заедници, коментира Апасиев, кој додава дека постојниот закон ги унапредува правата на Албанците, а со тоа нема потреба од втор закон и тој е резултат на политичка своеглавост.

„Собранието не може да го донесе истиот закон во ваква форма. Друг закон, со друга форма, во нормална процедура, во иднина може да се донесе. Овој закон има вето и е клинички мртов“, коментира професорот Димитар Апасиев.

Носењето на законот во ваква постапка може да ја донесе во прашање препораката што следуваше за Македонија, како што вели Апасиев, по падот на режимот, а овој потег може да ја уназади европската иднина исто како ставањето на европското знаменце со кое се изигрува довербата на Унијата.

„Коалицијата и угодувањето на ДУИ, особено за овие националистички прашања, ги чинеше пад на изборите во 2006 година. СДСМ не учи од своите грешки. Тиранските платформи не беа дискутирани во предизборниот период. Народот е со право резгиниран, а не остана човек што верува во политичарите. Приоритети се судските и економските реформи, а не малцинските права што се затворени со Охридскиот договор“, вели Апасиев.

ВМРО-ДПМНЕ со право може да направи политички маневр и да не ги усвојува законите што зависат од нивното мнозинство, оценува докторот по правни науки додавајќи дека СДСМ ги троши последните кредити бидејќи губи драгоцено време каде што нема реформи и резултати, а тоа резултира со апатичност кај народот. Со начинот на гласање за законот за јазиците ќе добиеме само зголемени меѓуетнички тензии, а СДСМ како партија можел да одбие да се донесе законот и по цена да падне Владата бидејќи е противуставен и го надминува Рамковниот договор, смета Апасиев.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО НА МАКФАКС

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top