| четврток, 6 декември 2018 |

ТДМ ја подготвува претставата „Еднаш свет изградив“ по мотивите од романот „Сидарта“

Во Театарот за деца и младинци-Скопје се подготвува премиерната изведба на претставата „Еднаш свет изградив “ по мотивите од романот „Сидарта” на писателот Херман Хесе, во режија на Јане Спасиќ.

Текстот „Еднаш свет изградив“ е пишуван по мотиви на романот „Сидарта“ од Херман Хесе. Преку семејна приказна за татко и син кои се среќаваат после долги години, авторот на претставата Јане Спасиќ се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки. Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот. Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени?

Претставата е работена низ заеднички, експериментален процес заедно со актерите од Театарот за деца и младинци – Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и младиот гостин Михаел Стојановски кој има само девет години.

Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите ги дизајнираше Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top