| четврток, 6 декември 2018 |

Полицијата вечерва ги чува штабовите на СДСМ и домовите на пратениците

Кордони со полиција и вечерва се поставени пред домовите на пратениците од СДСМ кои вчера гласаа за законот за двојазичност, дознава Република од терен.

Полициското присуство е дополнително засилено од синоќа а полицијата вечерва го обезбедува и седиштето на СДСМ во Скопје како и штабовите на партијата низ градовите.

Се обидовме да стапиме во контакт и со портпаролот на МВР Тони Ангеловски за да го прашаме која е потребата од вакво силно обезбедување, но тој вечерва ги одбива телефонските повици на „Република“.

Во исто време, пратеникот од власта Ферид Мухиќ изјави дека заедно со останатите колеги од СДСМ се договориле денеска да се кријат дома и да не ја иритираат јавноста.

-Со колегите пратеници се договоривме да седиме дома. Нема да побарам заштита, предраматично е да се размслува и да се зборува за ова. Најлошо е што може да има сериозни елементи, за кои треба да се размисли. Немав заштита изминатата вечер, но се договоривме да не се движиме многу во јавност, за да не иритираме – изјави Мухиќ.

Јавноста на социјалните мрежи е загреана и граѓаните постојано го искажуваат своето незадоволство од законот и според нив насилничкиот начин на кој беше донесен овој закон.

Синоќа се случи и помал инцидент, кога некој го запалил автомобилот на пратеничката на СДСМ од Виница која гласаше за законот а во исто време, од МВР информираат, дека денеска имало неколку напади од незадоволни граѓани врз партиски функционери на СДСМ.

Ваквата тензична атмосфера, која се подигнува со засиленото полициско присуство, според безбедносните експерти е начин на дефокусирање на јавноста од штетниот закон кој вчера го изгласа власта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top