| четврток, 6 декември 2018 |

Препораки за заштита од топлиот бран

Високата температура која го зафатија регионов и честите промени на температурата имаат големо влијание врз здравјето на луѓето. Министерството за здравство, Светската здравствена организација и Црвениот крст на Република Македонија на граѓаните им упатија општи препораки за заштита од топлотниот бран. Препораките советуваат задолжително миење на зеленчукот и овошјето пред употреба, термичка подготовка на храната и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така приготвената храна да се стави во фрижидер на +8 степени, а пред употребата да се загре на +100 степени.

Избегнувајте производи кои термички не се обработени, како, на пример: мајонези од домашни јајца, а внимателно консумирајте сладолед и разни кремови. За време на топлиот период во денот (од 10 до 17 часот) избегнувајте напорни физички активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности. Неопходните работи завршувајте ги до 10 часот или после 17 часот.

Носете светла и лесна облека, (зашто светлите бои ја рефлектираат светлината), а при директна изложеност на сонце, ставете заштитни очила и капа.

toploten2

Останете во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени целзиусови). Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, а отворете ги навечер, кога температурата е пониска.

Внесувајте помало количество храна. Избегнувајте мрсна и високо-калорична храна, како и храна која содржи поголемо количество шеќер.

Внесувајте големо количество течност (не чекајте да бидете жедни) почнувајќи од обичната вода за пиење, па до минерализирани безалкохолни пијалоци. Одбегнувајте алкохолни пијалоци и пијалоци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалоци.

toploten 1

При неопходен престој на отворен простор најдете можности за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на Сонце.

Туширајте се со студена вода повеќе пати во текот на денот. Алтернативно, ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.

Кога сте во своето возило, отворете го прозорецот за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!

Хроничните болни, посебно тие со сдрцеви, невролошките и белодробните болести потребно е да бидат посебно дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар.

Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преселете се во постудено место колку пто е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате.

Ако имате болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено место и напијте се течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Консултирајте се со својот доктор доколку почуствувате невообичаени симптоми или ако симптомите траат подолго време!

Ако некој член од Вашето семејство или лице на кое помагате има топла и сува кожа или е во бесознание, веднаш повикајте 194!Додека се чека итната медицинска помош префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете ги нозете и колковите; остранете ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење како студени облози на вратот, пазувата и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода; мерете ја телесната температура. Не давајте терапија; ако лицето е во бессознание, не треба да лежи на грб, туку свртете го на страна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top