| четврток, 6 декември 2018 |

Каменос: Александар Велики зборуваше грчки и не беше крал на Словените

Употребата на името Македонија не е прашање на грчки егоизам туку на историска вистина и цивилизација, грчка и европска, изјави грчкиот министер за одбрана Панос Каменос за францускиот весник «Liberation». Зборувајќи за Александар Македонски додаде дека некои симболи треба да престанат да се употребуваат.

На прашањето што е причината за преговорите помеѓу Грција и Македонија за името на земјата, Каменос, лидер на десната националистичка партија “Независни Грци”, вели:

«ПЈРМ има многу да добие од договорот со Грција за нејзиното идно име. Така, таа ќе може да влезе во НАТО и ЕУ. Употребата на името «Македонија» не е прашање на грчки егоизам туку на историска вистина и цивилизација, грчка и европска. Во својот проект за Европски устав, напишан од Валери Гискар д’Естен (поранешен француски претседател), во 2004 година, членот 1 прецизира дека европската цивилизација е заснована на грчката цивилизација. Тоа не враќа на историјата на Александар Велики, кралот на Македонија, кој зборуваше грчки а не на историјата на Александар Велики, крал на Словените. Дури за време на Тито почна да се употребува името Македонија. Тој сакаше да креира Егејска Македонија. Некои симболи треба да престанат да се користат», го објаснува Каменос својот поглед на историјата.

На прашањето дали договор е можен, Каменос вели:

«Има напредок. Но ќе биде тешко, во ПЈРМ, да се најде парламентарно мнозинство за да се смени Уставот и да се убеди јавноста. Во Грција, грчкиот народ во огромно мнозинство не може да прифати понуда со име кое содржи «Македонија». Ова чувство не е само кај конзервативните сили како Православната црква или армијата; овој став го делат и личности од левицата како композиторот Микис Теодоракис. Би направил политичко злосторство доколку ја оставам само екстремната десница да им даде поддршка на демонстрантите националисти кои манифестираа на 4 февруари. Тоа носи ризик неонацистите од Златна зора да станат втората политичка сила. Тоа би била катастрофа за Грција и европската иднина», вели Каменос.

novatv.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top