| четврток, 6 декември 2018 |

Куба ќе го добие првиот претседател кој не е член на семејството Кастро

Парламентарните избори на Куба во недела предизвикуваат голем интерес, бидејќи ќе го отворат патот за избор на нов претседател кој ќе го замени Раул Кастро.

Инаку, парламентарните избори во оваа земја не наликуваат на ниедни други во регионот. Нема реклами или предизборни митинзи, а сите кандидати се членови на владејачката Комунистичка партија или се „независни“, но ја следат партиската линија.

Единствениот надворешен знак дека се одржуваат избори се фотографиите и биографиите на кандидатите прикажани на јавните места. Посебни претставници тивко ги посетуваат локалните заедници и работните места и ги запознаваат луѓето.

Сепак, одѕивот на гласачите, што некои го припишуваат на владиниот притисок, обично е околу 95 проценти. Повеќе од осум милиони Кубанци имаат право да избираат 605 членови на Националното собрание и 1.265 делегати во 15 провинциски собранија.

Конкретно, интересот за овие избори е повисок од вообичаеното, бидејќи новиот парламент на 19-ти април ќе треба да го избере наследникот на 86-годишниот претседател, Раул Кастро. Новиот претседател ќе биде прв кој не е член на семејството Кастро, уште од револуцијата во 1959 година, по што власта ја презеде постариот брат, Фидел Кастро.

„Ќе биде интересно да се види кој ќе биде новиот претседател“, изјавил хаванскиот таксист, Ернесто Балан. „Секогаш имавме лидери со силна личност и влијание, но се уште не го знаеме новиот“, додава тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top