Каква било промена во правниот систем на Македонија не значи трајна гаранција за Грција, бидејќи сѐ што се менува може да се врати назад, изјави вчера премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за барањата од Атина за промена на Уставот како гаранција за евентуалното решение на спорот за името.
– Многу е важно да го практикуваме тоа што целиот свет го знае, а тоа е меѓународно познатата практика на решавање вакви спорови и тогаш тоа останува вечно. Јас сум убеден дека преку ваквите пристапи, водејќи грижа колку е тоа важно за граѓаните на Грција и на Македонија можеме да го најдеме решението на спорот што го имаме со Грција – рече Заев по вчерашното рочиште за случајот „Поткуп“ во Кривичниот суд.
Заев кажа дека не треба да се поставуваат црвени линии доколку се сака да се дојде до некое решение.
– Мора да водиме грижа едни за други за да го сочувуваме достоинството на двата народа, на двете земји и на двете нации и секако зачувување на она што значи чувство, а тоа е идентитетот. Идентитетот е чувство и за него не можете да преговарате, да се ценкате. Јас верувам дека во тој дух, водејќи се внимателно кон партнерите со кои преговараме ќе најдеме решение, а истовремено да се отвори и Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција. Јас сум подготвен, како што тие водат грижа за Грците надвор од Грција, така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија, соодветно исто – рече Заев.
Во однос на пишувањето во грчки „Катимерини“ за постигнување согласност во три поглавја, премиерот посочи дека е затворено прашањето со иредентизмот, со чекорите што ги направи Македонија, односно со промена на имињата на автопатот во „Пријателство“ и аеродромот во Скопје.
Од друга страна, поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани, во интервју за радиото Реал ФМ вели дека грчката влада имала вистинска можност да го реши проблемот, но со начинот на кој управуваше со прашањето, сега води кон ќор-сокак и перспективите за сериозно решавање на прашањето за името сѐ повеќе се намалуваат.
– Сакам да бидам јасна дека можноста ќе можеше да се искористи и ќе имавме позитивен резултат, ако имавме една сериозна влада. Во овој момент имаме владино мнозинство поделено во три дела – рече Бакојани.
Според неа, една од главните грешки на актуелната грчка влада се позицијата на коалицискиот партнер Панос Каменос и одлуката да не се создаде национална стратегија заедно со другите партии. Резултат на тоа, како што рече Бакојани, беше Грците да немаат доверба во Ципрас да преговара, но и да се вмешаат и трети страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст