| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија и Србија се договорија за брашното

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, денеска во Скопје потпишаа Договор согласно кој за брашно од 1,2 и 5 килограми маркичките ќе се лепат во Србија, а за пакувања од 25 и 50 килограми маркичките ќе се лепат во Македонија.

Николовски и Љајиќ по средбата истакнаа дека двете страни направиле отстапки за да се дојде до решение на проблемот.

Македонскиот Правилник за увоз на брашно, согласно договореното, ќе биде сменет уште денеска.

– Ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми меѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата, изјави Николовски по работниот состанок во Скопје.

Николовски соопшти дека Македонија и Србија ќе формираат комитет за натамошна соработка и за надминување на сите отворени прашања.

Љајиќ изрази очекување дека за еден месец Србија и Македонија на системски начин ќе го решат овој проблем.

– Недвосмислено покажавме политичка подготвеност за отстранување на сите царински бариери, рече Љајиќ и додаде дека целта на двете земји е трговската размена од сегашните 760 милиони евра годинава да достигне милијарда евра, а тоа е можно сако ако се елиминираат пречките.

Одговорајќи на новинарско прашање, Љајиќ рече дека Србија веќе нема причини за воведување контрамерки кон Македонија, а заеднички беше ставот со Николовски дека проблемот со брашното, практично ги отвори сите останати прашања и укажа на бариерите кои мора да се отстранат за да се унапреди трговијата меѓу двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top