| четврток, 6 декември 2018 |

Филип Панчевски од шаховскиот клуб на Алкалоид триумфираше на меѓународниот турнир во рапид темпо

Традиционалниот отворен меѓународен турнир во рапид темпо Алкалоид 2018 и оваа година собра рекорден број од 187 учесници, од кои 43 со меѓународни титули. Со освоени 8 поени,  7 победи и две реми, на турнирот убедливо триумфираше водечкиот македонски шахист Интернационалниот мајстор Филип Панчевски (член на ШК Алкалоид).

Го следи група од 11 шахисти со по 7 поени, од 9 партии, кои се најдоа на делба од второ до дванаесетто место, а редоследот меѓу нив се определи согласно дополнителните критериуми:  ВМ Лајтхам Борко (Србија), ИМ Стојановски Дејан (ШК Алкалоид), ВМ Недев Трајко (ШК Алкалоид), ИМ Куков Велислав (Бугарија), ВМ Богдановски Влатко (ШК Алкалоид), Данов Љубомир (Бугарија), ВМ Марковиќ Мирослав (Србија), ФМ Николовски Никола (ШК Гамбит Ассеко СЕЕ), ВМ Станојски Звонко (ШК Алкалоид), ВМ Дражиќ Синиша (Србија) и ИМ Златановиќ Борољуб (Србија).

Најуспешните македонски шахистки, ФИДЕ Мајсторот Моника Стојковска и ЖИМ Габриела Коскоска двете членки на ШК Алкалоид, покажаа одлична, многу борбена игра и освоија по 6 поени. Со тоа ги освоија наградите наменети за прва и втора најдобро пласирани шахистки.

На турнирот беа доделени и голем број специјални награди.

Наградата за најдобар ветеран над 65 години му припадна на Николов Коле, со освоени 6 поени. Најдобар шахист со рејтинг до 2199 беше ФМ Лазов Тони (јуниор, член на ШК Алкалоид и на Македонската репрезентација) со освоени 6 поени. Во категоријата шахист до 1999 рејтинг поени најуспешен беше Ѓорѓевски Јанчо со освоени 6 поени, додека пак во категоријата до 1799 рејтинг поени најдобро пласиран беше Златков Антон со 5,5 поени (посебно заслужува да истакне дека е јуниор до 12 години, член на ШК Гамбит Ассеко СЕЕ).

Беа прогласени и најуспешните јуниори на турнирот. Во категориите до 10 години Николовски Кирил, кој освои 3,5 поени, до 14 години Матеј Звездакоски, со 5 поени, до 16 години Кристијан Велковски со 4,5 поени и до 18 години Филип Михов со 5 поени, сите членови на ШК Алкалоид. Во категоријата јуниори до 12 години најуспешен беше гостинот од Бугарија, Александар Ташев.

Турнирот помина во препознатливата позитивна, фер атмосфера, со признак на шаховски празник кој ги следи настаните во организација на ШК Алкалоид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top