| четврток, 6 декември 2018 |

Во Гостиварско блокирани патишта и поплавени куќи од надојдените водотеци

Временските услови во изминатово деноноќие проследени со наглото топење на снегот и со врнежите од дожд, во гостиварскиот регион предивикаа проблеми во делови од општината.

Регионалниот патен правец Гостивар-Србиново од синоќа е во прекин. Во близина на селото Лакавица на коловозот се урнала поголема количина од земја и дрвја. Градежна механизација веќе работи на расчистување и се очекува да биде ослободена една коловозна лента, а според најавите во текот на денот, патот да биде прооден во обата правци.

Според информациите на локалниот Центар за управување со кризи и СВР Тетово, проблеми во одвивањето на сообраќајот имало и на локалниот пат Чегране-Тумчевиште, каде сообраќајот поради излевање на вода од околните водотеци се одвива со потешкотии. Под закана од поплавување се и неколку куќи во селото Форино.

Најдојдениот Вардар, синоќа предивикал и поплавување на десетина куќи селото Балиндол, а заради опасност од излевање на вода од каналот за наводнување под закана се и дваесеттина куќи во населбата Бањешница. Нивото на Вардар низ полошкото поле е зголемено и постои опасност од излевање во околните ниви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top