| четврток, 6 декември 2018 |

Одложено рочиштето во Атина за жалбата на Грујевски и Бошковски

Врховниот суд во Атина за 9 март го одложи рочиштето на кое требаше да биде разгледана жалбата на одлуката за екстрадиција на Судот во Солун за поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, бидејќи беше отсутен еден од адвокатите, јави дописникот на МИА од Атина.

Според програмата на Судот, заедно со Грујевски и Бошковски денеска требаше да се суди и за уште 18 други случаи.

Минатото рочиште што беше одржано на 16 февруари, беше одложено поради краткиот период што го имале адвокатите за разгледување на предметот и затоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик.

Во меѓувреме, Грујевски и Бошковски остануваат во атинскиот затвор „Коридалос“.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалбата против одлуката на судот, за случајот да го разгледа Врховниот суд во Атина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top