| четврток, 6 декември 2018 |

Пад на странските инвестиции – дали новите субвенции ќе го сменат трендот?

Во 2017-та странските инвестиции биле за 110 милиони евра помали од 2016-та. Владата најавува дека новиот закон за финансиска поддршка ќе ги поттикне компаниите, но тој се уште е заглавен поради собраниската блокада.

Лани странски инвестиции од 227 милиони евра

Странските директни инвестиции во 2017-та биле 227 милиони евра што е за 110 милиони евра помалку во однос на 2016-та.

Според податоците на Народната Банка најголем дел од овие пари, речиси 198 милиони евра, се резултат на реинвестирање на добивката и должнички инструменти, а само 29 милиони се вложувања на нови компании.

Лани најмногу пари влегле од Германија (37 милиони), Австрија (24 милиони), Сент Винсент и Греандини (20 милиони), Луксембург (17 милиони), Хрватска (15 милиони).

Во истиот период имало и повлекување на пари кое било најголемо кон Обединетото Кралство (-137 милиони), Соединети Американски Држави (-13 милиони), Казахстан (-3 милиони).

Гледано по месеци најдобри се октомври и март кога во земјава влегле 107 односно 70 милиони евра, а најлоши се јуни и септември кога имало минус т. е. повлекување на 67 односно 63 милиони евра.

Гледано по дејности најмногу пари биле вложени во услуги (67 милиони), рударството (34 милиони), активности во врска со недвижен имот (нешто над 21 милион), трговија (19 милиони), земјоделство (речиси 10 милиони), административни и помошни дејности (9 милиони), финансиски и осигурителни дејности (7 милиони), информации и комуникации (скоро 6 милиони), професионални и научни дејности (скоро 5 милиони), градежништво (околу 3 милиони), хотелиерство (3 милиони), уметност и рекреација (3 милиони).

Истовремено имало одлевање на пари во секторите: производство (-75 милиони), транспорт (-7 милиони), електрична енергија (-8 милиони).

Наскоро нов закон за поддршка на инвеститорите

Предлог – законот за финансиска поддршка на инвестициите треба да биде разгледан на следната владина седница.

„Ги повикувам сите пратеници да го поддржат овој закон за да може што поскоро компаниите да го користат и на најтранспарентен начин да им овозможиме да имаат предвид што можат да добијат за да ги зголемуваат своите капацитети, но и за да донесеме нови инвестиции“ изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

„Со овој закон се регулира финансиската поддршка на инвестициите во државата, врз основа на начелата на транспарентност, еднаков третман и јавност“ – се наведува во текстот.

Законот предвидува државна помош за ново вработени да добијат инвеститорите кои ќе исплаќаат плата која за 50% повисока од минималната.

Најголем дел од субвенционираните вработувања ќе бидат условени – 75% од ново вработените да бидат: најмалку 3 месеци невработени, најмалку 12 месеци да не биле вработени кај корисникот на финансиската поддршка или во поврзан деловен субјект, прв пат да засноваат работен однос, последниот работен однос да им престанал поради отворање на стечајна или ликвидациона постапка или непосредно пред вработувањето да биле вработен во јавна или државната администрација.

„Максималниот годишен износ на финансиската поддршка од ставот кој може да се додели за едно ново вработување изнесува 4.400 евра. Финансиската поддршка може да се доделува за временски период подолг од пет години сметано од денот на склучување на договорот за вработување” стои во предлог законот.

Финансиска поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес ќе можат да добијат фирми чија инвестиција ќе се движи од 4 до 20 милиони евра.

Предлог законот дефинира и инвестиции од значителен интерес за државата. Во нив спаѓаат вложувања од најмалку 4 милиони евра со најмалку 300 нови. За нив има дополнителни мерки – ослободување од плаќање персонален данок на доход, ослободување од плаќање данок на добивка, парични средства во износ до 10% од реализираниот износ на инвестицијата но не повеќе од милион евра и парични средства во износ од 2.000 евра за секој вработен за кој е исплатена нето плата од најмалку 18.000. Сумирано, државната помош за една фирма не може да надмине 50% од вкупната вредност на инвестицијата.

Извор: Денар

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top